Се воведуваат лиценци за занаетчиите

Се воведуваат лиценци за занаетчиите
Се воведуваат лиценци за занаетчиите

Барањата на занаетчиите и на пазарџиите се вградени во новите две законски решенија со кои се очекува да се уредат овие две дејности. Предлог-законското решение за занаетчиство веќе е усвоен од страна на Владата, а законот за зелените пазари е во финална фаза и се очекува да биде готов до крајот на месецот.

Со најновите предлог решенија за занаетчиство се предвидува лиценци за занаетчите, електронски занаетчиски регистар и воведување на категоријата чирак.

На барање на занаетчиските комори ќе се овоможи и основање на општински занаетчиски комори доколку во една општина има 350 занаетчии. Коморите ќе имаат исти права како и регионалните занаетчиски комори.

Тоа што го ветивме како Влада и Министерството за економија станува реалност. Важно е тоа што секој занаетчија со земањето на лиценцата ќе го заштити својот производ и занает и ќе биде одговорен за тоа што го произведува, а со воведувањето на категоријата чирак занаетчиите ќе можат да ги обучуваат чираците без плаќање придонеси и нема да бидат казнувани. Во минатото занаетчиите имаа проблем со чираците кои ги ангажираа бидејќи често се случуваше трудовата инспекција да ги казнува затоа што беа непријавени, изјави министерот за економија Беким Незири по посетата на Занаетчиската комора во Старата скопска чаршија.

Цените на лиценците ќе бидат дефинирани со правилник но, како што истакна Незири, тие ќе чинат минимално од 50 до 100 денари и најверојатно ќе бидат издавани од страна на стопанските занаетчиски комори. Со подзаконски акти ќе биде прецизиран и рокот до кога некој работник може да биде пријавуван како чирак, но времетраењето ќе зависи од видот на занаетот.

Од Занаетчиската комора се задоволни од законските измени и се надеваат дека со ова ќе заживее занаетчиството во Македонија.

Исполнети се нашите барања. Ценевме дека мора да има децентрализација на занаетчиството на ниво на општината и тоа е прифатено. Исто така и лиценцирањето е важен столб за развој на занаетчиството, истакна претседателот на здружението „Еснаф“ Мухедин Брава, додавајќи дека занаетчиите нема да имаат трошоци со лиценците бидејќи нивниот интерес е развојот на занаетчиството.

Во финална фаза е и законското решение за зелените пазари кое се очекува до крајот на месецот да влезе во владина процедура.

Министерството за економија активно работи на инкорпорирање на барањата на пазарџиите. Се работи за околу 23 илјади граѓани кои се занимаваат со продажба на зелените пазари и од таа причина како Влада и Министерство внимателно го работиме секој сегмент од законот, потенцира Незири, по средбата со Здружението на пазарџии.

Тој додаде дека законот е работен во консултација со сите засегнати страни и оти се земени практики од повеќе европски држави.

Здружението на пазарџии е задоволно од досегашниот тек на подготовка на законот и се надеваат дека со неговото донесување ќе се решат проблемите на голем број граѓани кои се занимаваат со оваа дејност.