Се враќаат каналите на кабелските оператори

Кабелските оператори наскоро повторно ќе почнат да ја реемитуваат програмата на телевизиските канали кои што беа исклучени пред новогодишните празници. Ова во изјава за Нетпрес го потврди директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги Зоран Трајчевски.

-Од утре сите кабелски оператори ќе почнат со реемитување на програмата на каналите Спорт клуб, најави тој.

Трајчевски појасни дека оние оператори кои веќе го обновиле договорот со дистрибутерот на овој програмски пакет веќе почнале со реемитување на програмата, а што се однесува до операторот Близу тие во моментов ги обновуваат договорите, така што се очекува дека наскоро сите кабелски оператори повторно ќе отпочнат со реемитување на програмата.

Инаку што се однесува до оние канали кои што беа исклучени по налог на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги, Fox Life I National geographic, во тек е усогласување на програмскиот пакет со Законот.

Тој нагласи дека кабелскиот оператор Близу вчера поднел барање за повторно да се почне со реемитување на каналот Fox life. Имено, овој кабелски оператор веќе ја поднел целата неопходна документација за да се отпочне со повторно реемитување на програмата, а се очекува дека наскоро тоа ќе го направат и другите два оператори, Телеком и One.

Од Близу велат дека наскоро очекуваат да биде вклучен овој канал и дека за тоа јавноста ќе биде официјално известена преку нивните комуникациски канали.

Трајчевски појаснува дека во иднина Близу овој канал ќе го превзема од дистрибутерите во Хрватска и Словенија, а програмата ќе биде емитувана на англиски јазик.

Што се однесува до каналот National geographic, Телеком веќе најавил дека во следните две недели ќе ја поднесе целата документација за да се отпочне со повторно реемитување на програмата. Во тек е потпишување на договори, анекси на договори, нотарска заверка. Така што наскоро, гледачите повторно ќе може да ја следат програмата и на овој телевизиски канал.

Нетпрес стапи во контакт и со Македонски Телеком, оттаму информираат дека во моментов операторот ќе продолжи да ги емитува каналите, а во меѓувреме ќе работи на комплетирање на документацијата согласно роковите поставени од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.