Се засилуваат превентивните мерки за ебола во Грција

Грција ќе ги интензивира превентивните мерки за справување со потенцијална појава на ебола во земјата, со широко учество на политичкото раководство на Министерството за здравство и сите засегнати страни вклучувајќи и научници од здравствените организации, објави МИА.

Ова, меѓу другото беше одлучено на денешниот состанок на грчките здравствени власти во Атина, на кој учествуваше и тим научници од Грчкиот центар за контрола и превенција на болести

На средбата исто така е одлучено на граничните премини да се испрати дополнителен здравствен персонал, кој ќе биде целосно запознаен со вирусот. Исто така, патниците од „сомнителни“ земји ќе пополнуваат прашалник според кој ќе се одлучува за степенот на ризик од инфекција со вирусот ебола.

Во дискусијата било утврдено и дека веднаш и темелно треба да бидат информирани за симптомите и начинот на кој се пренесува вирусот сите оние кои имаат контакт со имигранти.

– Нема причина за голема загриженост за ебола во Грција, ако сме добро подготвени – изјави пред состанокот генералниот секретар во грчкото Министерството за здравство, Кристина Папаниколау.

Според плановите кои беа изготвени во текот на летото, грчките здравствени власти ја одредија болницата Сисманоглио, која е една од најголемите државни болници во Грција и се наоѓа во североисточниот дел на Атина, да се справува со сите сомнителни случаи на ебола. Во рамките на болницата е подготвена посебна зграда со посебен персонал, опрема и сопствена лабораторија за извршување на анализи потребни за да се потврди дали вирусот ебола е присутен или не.

Во следните десет дена, Министерството за здравство ќе спроведе вежба за тестирање на подготвеноста на болницата да се справи со можен случај на ебола. Експертите истакнуваат дека е неопходно патниците и лекарите правилно да се информираат за ризиците со цел да се избегне повторување на она што се случи во Шпанија, каде што пациентката со денови одела од болница до болница пред да ја добие вистинската дијагноза.