Македонија

Се зголемува бројот на избирачки места во земјава

Се зголемува бројот на избирачки места во земјава

Бројот на избирачките места во земјата од претстојните претседателски избори се зголемува за 504, така што нивниот број ќе изнесува 3.480, наместо досегашните 2.976 гласачки места.

Промената произлегува од измените и дополнувањата на Изборниот законик односно членот 165 од законикот во кој се предвидува бројот на избирачи кои гласаат на избирачкото место да не може да биде поголем од 1.000 избирачи.

Дополнително ќе има едно избирачко во Државната изборна комисија (ДИК) за членовите на избирачките одбори кои ќе мора да отпатуваат во странство за да се реализира гласањето на дијаспората. Членовите на овие избирачки одбори на локалните избори во 2011 година не можеа да го искористат правото на глас бидејќи кога се гласаше тие не беа во земјата.

Предвидени се и 47 избирачки места во дипломатско-конзуларните претставништва каде ќе гласаат државјаните на Македонија кои ќе се пријават на јавниот повик.

Првпат оваа година дијаспората ќе гласа за претседател на државата.

Во шесте изборни единици во земјата и трите надвор од неа вкупно ќе има 3.528 избирачки места.

Според последните податоци од ДИК во Избирачкиот список се запишани над еден милиони и 787 илјади гласачи.

За споредба бројот на избирачките места каде што се реализираше гласањето на минатите изборни циклуси беше 2.976. Запишани во Избирачкиот список на локалните избори што се одржаа лани во март биле еден милион 749 илјади 38 граѓани, на предвремените парламентарни избори во 2011 еден милион 821 илјада и 122 граѓани, додека на претходните претседателски избори во 2009 тој број изнесувал еден милион 792 илјади и 82 граѓани.

Распределбата на граѓаните на избирачките места, според Благоја Стојковски, кој во ДИК работи на Избирачкиот список (ИС) е направена заедно со Државниот завод за статистика според ажурираните податоци во ИС. Причината за зголемување на бројот на избирачките места е граѓаните да можат што подостоинствено да го дадат својот глас и да се избегнат гужвите и чекањето.  

Потпретседателот на ДИК Субхи Јакупи, кој денеска зборуваше за измените на Изборниот законик на одбележувањето на Светскиот ден на изборите, вели дека комисијата работи на тоа како да се распределат гласачите.

„Ова се прави ако се земе колку минути му треба на еден избирач да помине редовно за да гласа. Мислам дека ова решение е многу адекватно и со него ќе постигнеме во рок од 12 часа сите гласачи да гласаат на време и да имаат време на начин како што дозволува Изборниот закон да гласаат“, рече Јакупи.

Нови избирачки места ќе има речиси на целата територијата на земјата. Според него, најмногу нови избирачки места ќе има на територијата на Скопје, а само во Берово граѓаните ќе гласаат на истите места како и на претходните избори.

Најголем дел од новите избирачки места ќе бидат во истите објекти каде што досега биле сместени, ќе се менува само просторијата, објаснуваат од Државната изборна комисија.

Зголемувањето на бројот на избирачките места значи и поголем број лица кои ќе бидат ангажирани како членови на овие избирачки места. Така за овие 504 нови избирачки места ќе бидат избрани дополнителни 5.040 лица. На 3.528 избирачки места ќе бидат ангажирани 35.280. Во државата има 80 општински изборни комисии и една на Градот Скопје, каде се ангажираат 810 лица. Вкупно во избирачките места и во општинските изборни комисии ќе бидат ангажирани 36.090 членови.

Измени и во изборот на членови на избирачките места

Според Изборниот законик, сега, претседателот на избирачкиот одбор и неговиот заменик ќе се избираат од редот на вработените во државната, јавната, општинската и администрацијата на градот Скопје, со високо образование, два члена и нивни заменици се избираат од редот на вработените во државната, јавната, општинската и администрацијата на градот Скопје со најмалку средно образование, по случаен избор за време од четири години.

По еден член на избирачкиот одбор и неговиот заменик се именува на предлог на политичките партии во опозиција  и на партиите на власт кои на последните избори за пратеници освоиле најмногу гласови.

Гласањето во ДКП го спроведува избирачки одбор составен од претседател и четири члена. Претседателот се избира од редот на дипломатите, вработени во соодветното ДКП, по случаен избор за време од четири години. Заменикот на претседателот, два члена и нивните заменици се избираат од редот на вработените во државната, јавната, општинската и администрацијата на градот Скопје по случаен избор за време од четири години.

Промената на бројот на гласачките места е само еден сегмент од измените и дополнувањата на Изборниот законик.