Македонија

Се зголемува бројот на туристички резервации

Се зголемува бројот на туристички резервации

Туристичкиот пазар во Македонија се стабилизира. Нови откажувања на аранжманите нема, напротив, се зголемува бројот на резервации, рече денеска директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Кристијан Џамбазовски, пренесе МИА.

Одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата за престојот на италијанските моторџии во земјава, Џамбазовски нагласи дека резултатите од првиот квартал годинава се позитивни. Бројот на странските туристи во периодот јануари – март 2015 во однос на истиот период лани е зголемен за 14 отсто, а евидентиран е и раст на бројот на ноќевања на 9,6 проценти.

– Додека има турбуленции во политичката сфера, туризмот прв ги чувствува негативните ефекти, а тие понатаму се одразуваат врз целата економија, истакна Џамбазовски, изразувајќи уверување дека нови турбуленции во туризмот нема да има.

Агенцијата континуирано работи на реализација на годинашните програмски активности.

– Од почетокот на  годинава ги презентиравме туристичките потенцијали на 15 интернационални саеми за туризам каде што учествуваа преку 25 туристички агенции и турооператори од Македонија, што е доказ дека квалитетот, односно конкурентноста на понудата е зголемена. Продолжуваме со агресивна медиумска кампања, како и со организација на студиски посети и информативни патувања во земјава при штоможност да се запознаат со потенцијалите на земјава имаат тур-ооператори од Америка, Русија, Шведска , Фрацнијас,…рече директорот.

Реализирани се, додаде, бизнис состаноци со македонското туристичко стопанство, а во повеќе француски, австралиски, италијански списанија се објавени репортажи за Македонија како туристичка дестинација.

– Согласно заклучоците од вонредната седница на Советот за туризам при Агенцијата, преземени се дополнителни мерки со засилено присуство на регионалните пазари преку организација на денови на македонскиот туризам во соседството и организирање дополнителни информативни патувања за странски турооператори и новинари, информира Џамбазовски.

Најголем број туристи во првите месеци од годинава има од Грција, Србија, Бугарија и Турција.