Се зголемуваат донациите за штипско

Регионот на штипско кој минатата недела беше погоден од поплави, предизвика реакција кај голем дел од правните субјекти во Македонија кои се мотивираа да донираат помош во материјални средства, храна, безалкохолни пијалоци и вода.

Освен нив, и амбасадата на Србија почна акција за помош. Српската Амбасада се очекува да достави помош од Владата на Србија, камион со вода и сокови, додека во Хрватска веќе тече акција за прибирање на финансиски средства.

Турската агенција ТИКА обезбеди 200 пакети храна кои ќе бидат поделени на месното население во штипските села Селце, Балталија, Пухче, Степанци, Суво Грло, Почивало и Шашаварлија. Исто така донираше и еден тон нафта за санирање на штетите од поплавите за работната механизација.

Преку СЗО (Светската здравствена организација) Штип исто така ќе добие хуманитарни пакети а од домашните фирми, неколку веледрогерии веќе најавија и доставуваат помош.

Компанијата „Алкалоид” ќе донира хуманитарни пакети со материјали за дезинфекција, донации обезбедија и веледрогериите „Д-р.Пановски”, германската „Феникс фарм”, “Еуролек”, „Фармагем”, „Фарма-трејд”,„Велидент”, „Пелистерка” и други субјекти. Штип треба да добие и 100 ќебиња, и резервоар од 5000 литри за вода кој ќе биде наменете за Лакавица а се очекуваат и монтажни тоалети.

Општина Штип апелира на хуманост од страна и на граѓаните на Штип, со цел да се избегнат потешки последици по повлекување на водата од лакавичкиот регион. Секоја донација, во вода, храна или материјални средства е добродојдена за семејствата кои претрпеа штети.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.