Седница на Анкетната комисија за прислушувањето

Со осум гласа „против“ и шест „за“ Анкетната комисија за скандалот со прислушувањето не го прифати дневниот ред според кој пред членовите требаше да сведочи поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.

Претседателот на Анкетната Петар Шилегов најави координација на пратеничката група по прекинувањето на најавената седница на која треба да се договори текот на втората денешна седница на која, според најавата од собраниската прес-служба, како сведок треба да се појави премиерот Никола Груевски. Се очекува седницата да биде затворена за јавноста како што беше најавено минатата недела од страна на членовите на оваа Комисија од ВМРО-ДПМНЕ.

Деловникот за работа на Анкетната комисија за прислушување дозволува Комисијата да работи без присуство на јавност и тоа по барање на сведок или експерт. Доколку тоа е по барање на член на Комисијата тој е должен да образложи дека во неговото прашање, дискусија или документација што ќе ја презентира на седницата на Комисијата ќе содржи степен на класифицирана информација. За вакво барање, членовите на Анкетната комисија треба да одлучат со мнозинство гласови од вкупниот број членови. Доколку Комисијата го одбие барањето на нејзин член тој има право да побара Анкетната да работи без присуство на јавноста со цел да даде подетално образложение за причината.

Секој член на Комисијата има право да го сослуша сведокот или експертот и тоа во три циклуси по пет минути за поставување прашања од страна на членот на Комисијата и три циклуси по пет минути за одговор на поставените прашања од страна на сведокот или експертот после секој циклус на поставено прашање. Според Деловникот за работа на Комисијата, на крајот од сослушувањето на сведокот или експертот членот на Комисијата има право на завршен збор во траење од две минути.

Како што е наведено во Деловникот, сведокот или експертот може да одбие да одговори на поставено прашање.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.