Седница на ИК на ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ ја води државата во погрешна насока на политички и економски план

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ одржа седница во неделата на којашто биле разгледани и се расправало за повеќе точки, информираат од партијата и додаваат дека било констатирало дека државата се води во погрешна насока и на политички и на економски план, за што главен виновник е актуелната Влада предводена од СДСМ.

„Погрешните политики и безидејноста на Владата на СДСМ, резултираат со влошување на ситуацијата во државата при што се загрозени владеењето на правото и демократијата, а се практикува и реваншизам кон неистомислениците, вршејќи политички терор врз нив. Недостатокот на визијата од страна на СДСМ за економски силна и стабилна држава, пак резултира со драстично влошување на економската состојба и негативен импакт на сите економски параметри во нашата држава, кои крајно резултираат со секојдневно, драстично осиромашување и безмилосно задолжување на граѓаните на Република Македонија“, стои во соопштението од партијата.

Воедно, Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ донел одлука за формирање работна група за ажурирање на членството на ВМРО-ДПМНЕ составена од членови на Извршниот комитет, кои во наредниот период ќе треба да предложат методологија која ќе биде усвоена од страна на Извршниот комитет на партијата и веднаш потоа ќе отпочне со ажурирање на членството.