Седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет

Подобрување на постапката пред Советот за јавни обвинители е целта на најновите измени на Законот за јавни набавки кои во прво читање добија поддршка во собраниската комисија за финансирање и буџет, пренесува МИА.

Целта на предложените измени е да се овозможи зајакнување на контролниот механизам кој го остварува Советот, но и поедноставување на постапката со одредени случаи каде досегашното искуство покажа дека постапувањето на Советот доведува до несразмерно усложнување во однос на бенефитите од спроведената контрола.

– Законот за јавните набавки започна да се применува од 1 јануари 2008 година. Во периодот на негова примена беа донесени неколку измени и дополнувања со кои се извршија низа приспособувања и подобрувања на законскиот текст, а се воведоа и одредени новини согласно политиките на Владата на Република Македонија, рече заменик-министерот за финансии Ардијан Џеладини образложувајќи го предложеното законско решение.

Појасни дека Советот за јавни набавки започна да работи на барањата за добивање согласност на 1 мај 2014 година и оти во изминатиот период се направени одредени интервенции во законските одредби кои го уредуваат неговото постапување, а се прошириени и неговите надлежности, односно различните правни основи по кои постапува.

Со предложените измени се предвидува најмногу согласноста да се врати два пати кај помалите и трипати кај поголемите јавни набавки, за да се скрати времетраењето на постапката.

Советот има рок 10 работни денови, односно 15 за поголемите јавни набавки.

Комисијата за финансирање и буџет денеска го прифати Предлог законот за претворање на побарувањата на Република Македонија по основ на данок на додадена вредност и платени обврски кон странски кредитори и странски железнички претпријатија во траен влог во МЖ Транспорт АД Скопје во прво читање.

Заменик-министерот Џеладини рече дека големата задолженост на МЖ Транспорт АД Скопје кон странство доведува до континуирана неликвидност на претпријатието и до загрозување на неговото работење и оти со ова законско решение ќе се подобри финансиската состојба на превозникот во државна сопственост.

Основно решение што се предлага со Законот е претворање на побарувањата на Република Македонија по основ на данок на додадена вредност и платени обврски кон странски кредитори и странски железнички претпријатија од страна на Република Македонија во периодот 2012-2014 година во траен влог во МЖ Транспорт АД Скопје до влегување во сила на овој закон.

Вкупните обврски на МЖ Транспорт АД Скопје по основ платени обврски од страна на Министерството за финансии кон странски кредитори и странски железнички претпријатија изнесуваат 4,37 милиони евра, а произлегуваат по основ договори со Светска банка, Меѓународна банка за обнова и развој, Европска банка за обнова и развој, унгарските железници, Европската компанија за финансирање на железничка опрема.

Тој потенцира дека дел од обврските се целосно доспеани и отплатени од државата како гарант, а во моментот активни се две гаранции и тоа за заем од ЕБРД во износ од 9,3 милиони евра наменет за Проектот реформи во железниците и заем од ЕБРД во износ од 50 милиони евра наменет за Проект за набавка на нови влечни и влечени средства во МЖ Транспорт АД Скопје.

Министерството за финансии за периодот од 2012–2014 година, односно по претворањето на побарувањата согласно Законот за претворање на побарувањата на Република Македонија по основ на платени обврски кон странски кредитори и странски железнички претпријатија во траен влог во МЖ Транспорт АД Скопје  за вкупно платените обврски од страна на Министерството за финансии кон странските кредитори во име на МЖ Транспорт АД Скопје во износ од 212.273.896,00 денари со налози доставени до Управата за јавни приходи има наплатено 91.156.884,00 денари, а за остатокот постојат активни налози доставени до Управата за јавни приходи.