Седница на Советот на НБРМ

нбрм

Од НБРМ информираат дека  финансиските извештаи на Народната банка на Република Македонија и Годишната сметка за 2016 година, беа предмет на ревизија на независно друштво за ревизија. Според мислењето на независниот ревизор, Финансиските извештаи на Народната банка на Република Македонија, од сите материјални аспекти, објективно ја претставуваат финансиската состојба на Народната банка на Република Македонија на 31 декември 2016 година, како и резултатите од работењето и паричните текови за годината што заврши, во согласност со Меѓународните стандарди за финансиско известување (МСФИ).

Во Извештајот за работењето на внатрешната ревизија за 2016 година, е заклучено дека Дирекцијата за внатрешна ревизија целосно ја спроведе својата програма за работа. – Внатрешната ревизија ги остваруваше своите основни цели преку систематско оценување и давање препораки за подобрување на процесот на управувањето со ризиците, соодветноста и ефективноста на внатрешните контроли, давајќи уверување за ефикасната и економична употреба на ресурсите, безбедното чување и заштита на средствата, веродостојноста и интегритетот на финансиските и другите информации и усогласеноста на работењето со законските и подзаконските акти, интерните политики и процедурите за работа, стои во соопштението.

На денешната седница Советот го усвои и Извештајот за извршувањето на Програмата за работа на Народната банка на Република Македонија во 2016 година. Од Извештајот може да се заклучи дека Програмата за работа има висок степен на остварување, со оглед на тоа што планираните програмски активности се завршени, или редовно се спроведуваат согласно со утврдената динамика. Покрај редовните, беа спроведени голем број нови активности и проекти со кои се овозможи натамошно унапредување на работењето на Народната банка преку подобрување на квалитетот, ефикасноста, прецизноста и безбедноста во работењето, како и приспособување кон одредени регулаторни барања и стандарди.

На денешната седница на Советот СЕ разгледани и усвоени повеќе одлуки кои произлегуваат од измените и дополнувањата на Законот за банките од октомври 2016 година, во насока на усогласување со Базелската капитална спогодба, т.н. Базел 3, како и со соодветните европски регулативи. Со измените на Законот за банките од октомври 2016 година, банките се должни да одржуваат соодветен износ на капитал за покривање на т.н. заштитни слоеви на капиталот. Во Законот, како што појаснуваат,  се пропишани четири заштитни слоеви на капиталот:  заштитен слој за зачувување на капиталот утврден на ниво од 2,5% од активата пондерирана според ризиците,  противцикличен заштитен слој на капиталот кој може да изнесува 2,5% од активата пондерирана според ризиците, но и повеќе во зависност од други системски фактори/индикатори, заштитен слој на капиталот за системски значајни банки кој се движи од 1% до 3,5% од активата пондерирана според ризиците и  системски заштитен слој на капиталот којшто може да се движи од 1% до 3% од активата пондерирана според ризиците.

Согласно со одредбите од Законот за банките по овој основ, Советот усвои  Одлука за методологијата за идентификување системски значајни банки, со која се пропишува начинот на утврдување на системски значајните банки, односно банките чиешто работење е значајно за стабилноста на целокупниот банкарски систем. Исто така се определија висината на заштитниот слој на капиталот којшто системски значајните банки треба да го исполнуваат во зависност од нивото на системска значајност.

На денешната седница е усвоена и Одлуката за методологијата за изработка план на опоравување на системски значајните банки, кој идентификуваните системски значајни банки се должни да го достават до Народната банка. Овој план содржи еден вид подготвителни активности (како од организациски аспект, така и за преземање соодветни мерки), кои би ги преземала банката при евентуално нарушување на нејзината финансиска состојба.

Потоа усвоена е Одлуката за методологијата за утврдување на стапката на противцикличен заштитен слој на капиталот за изложеност во Република Македонија. Овој заштитен слој има за цел ограничување на ризиците поврзани со кредитниот раст, така што тој се воведува при висок кредитен раст, врз основа на пропишани критериуми.

Советот усвои Одлука за методологија за утврдување максимален износ на распределба на резултатот од работењето, во која се предвидува ограничување за распределба на резултатот од работењето на банката доколку таа не одржува соодветен износ на заштитни слоеви на капиталот. Заштитните слоеви на капиталот се исполнуваат само со најквалитетните капитални позиции, односно т.н. редовен основен капитал.

Советот ја разгледа и ја усвои и Методологијата за управување со ризикот на задолженост, којашто претставува стандард од Базелската капитална спогодба Базел 3 и европските банкарски регулативи, со која се воведува стапката на задолженост (leverage ratio), како сооднос помеѓу капиталот и активностите на банката. Банките во РМ имаат исклучително ниска задолженост, а целта на воведувањето на овој стандард на меѓународно ниво е заштита од евентуално преголемото задолжување на банките, во услови на задоволително ниво на адекватност на капиталот.

На денешната седница, Советот ги усвои Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката на лимитите на изложеноста и Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за сметководствениот и регулаторниот третман на средствата преземени врз основа на ненаплатени побарувања, со кои се врши усогласување со други подзаконски акти на Народната банка, со европските регулативи и измените на Законот за банките од октомври 2016 година.

Советот на Народната банка го усвои и Правилникот за дополнување на Правилникот за истражувачката дејност, заради подобро практично спроведување.

Советот разгледа и други прашања од својата надлежност.