Седница за одземање на пратеничките мандати во петок

Во Собранието денеска седници на четири собраниски комисии

Во петок, 26 декември, Собранието на Република Македонија ќе одржи седница за одземање на мандатите на пратениците од опозицијата.

Како што е наведено на собраниската веб-страница, седницата има една точка на дневниот ред: Предлог за одземање мандати на пратеници.
Комисија за деловничко и мандатно-имунитетни прашања на седницата одржана на 2 декември реши да му предложи на Собранието одземање на мандатите на 31 пратеник од опозициската СДСМ и нејзините коалициски партнери, врз основа на извештај за отсуствата на пратениците од овој состав за период од шест месеци, изготвен од генералниот секретар на Собранието.

Врз основа на Извештајот доставен до оваа Комисија е утврдено дека во периодот од 10 мај до 10 ноември, 31 пратеник не присуствувале, не учествувале, ниту пак го известиле претседателот на Собранието дека оправдано ќе отсуствуваат од 40 седници.

Комисијата ја достави Предлог-одлуката до претседателот на Собранието Трајко Вељановски, кој врз основа на членот 59 од собранискиот Деловник ја свика за в петок  28. седница со една точка на дневниот ред.

Пратениците од опозицијата не ги прифатија мандатите и не учествуваат во работата во овој состав на Парламентот.