Седници на четири собраниски комисии

Во републичкото Собрание за денеска се најавени седници на комисиите за надворешни работи, за финансирање и буџет, за политички систем и односи меѓу заедниците, за транспорт, врски и екологија, за култура, како и седница на Законодавно-правната комисија.

На дневен ред на Комисијата за надворешни работи  е Предлог – законот за изменување на Законот за надворешни работи, по скратена постапка, а на Комисијата за финансирање и буџет предлог законите за изменување и дополнување на законите за Управата за јавни приходи и за Царинската управа, по скратена постапка, во второ читање.

Членовите на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците треба да  го разгледаат извештајот на Законодавно-правната комисија по Предлог-законот за изменување на Законот за судска служба, на Комисијата за култура, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за културата, по скратена постапка, второ читање,  а на Комисијата за транспорт Предлог – законот за изменување на Законот за продажба и давање под закуп на деловните згради и деловните простории на Република Македонија, по скратена постапка –  во второ читање.

За точките од дневниот ред на закажаните комисии за денеска ќе се изјасни и Законодавно-правната комисија.