Седници на пет собраниски комисии

Комисиите за надзор над спроведувањето на посебната истражна мерка следење на комуникациите од страна на МВР, Управата за финасиска полиција, Царинската управа и МО, за надворешна политика, за политички сиситеми и односи меѓу заедниците, за прашања на изборите и именувањата и Законодавно-правната комисија, денеска ќе одржат седници во Собранието на Република Македонија.

Единствена точка на дневниот ред на седницата на Комисијата за надзор над спроведувањето на посебната истражна мерка следење на комуникациите од страна на МВР, Управата за финасиска полиција, Царинската управа и МО, е
Предлог-деловникот за работа на Комисијата.

Комисијата за надворешна политика ќе расправа за предлог законите за ратификација на Договорот за полициска соработка меѓу Македонската Влада и Белгиската Влада и за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Црна Гора за заемно признавање на возачките дозволи. Воедно на Комисијата отчетно обраќање ќе имаат амбасадорите Корнелија Утевска Глигоровска за вршењето на должноста амбасадор во Сојузна Република Германија, Ѓоко Ѓорѓевски за Светата Столица, Асаф Адеми за Кралството Данска и Ѓорѓи Филипов за Република Австрија.

На Комисијата за политички сиситем и односи меѓу заедниците ќе се разгледаат предлог законите за изменување и дополнување на Законот за административни службеници, на Законот за вработените во јавниот сектор и на Кривичниот законик, трите во прво читање, како и Предлог законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната во прво читање.

Утврдувањето предлог одлука за избор на членови на Државниот совет за превенција на детско престапништво ќе биде единствена точка на дневниот ред на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, додека Законодавно-правната комисија ќе разгледа повеќе ратификации и предлог закони меѓу кои и за изменување и дополнување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти во прво читање.