Седници на пет собраниски комисии

Во Собранието на Република Македонија денеска седници ќе одржат пет комисии.

На Комисијата за надворешна политика новоименуваниот амбасадор во Канада, Тони Димовски и новоименуваниот амбасадор во СР Германија, Сашо Марковски ќе ги претстават своите платформи на дипломатски активности.

Комисијата за прашања на изборите и именувањата ќе ги разгледа Предлог-одлуката за именување на претседател и членови на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот и Предлог-одлуката за разрешување и избор на претседател и членови на Советот за научно-културните средби „Десет дена Крушевска Република“.

Членовите на Комисијата за транспорт, врски и екологија ќе расправаат за измените на повеќе закони во второ читање како што се Законот за електронски комуникации, Законот за животна средина, Законот за комунални дејности, Законот за превоз во патниот сообраќај, Законот за јавните патишта, Законот за градење, Законот за градежно земјиште…

Дел од овие закони се на дневен ред и на Законодавно-правната комисија.

Комисијата за образование, наука и култура ќе ги разгледа дополнувањата на Законот за иновациска дејност во прво читање и измените на Законот за просветна инспекција во второ читање.