Седници на пет собраниски комисии

Во републичкото Собрание за денеска се закажани седници на комисиите за политички систем и односи меѓу заедниците, за европски прашања, за култура, за транспорт, врски и екологија и на Законодавно-правната комисија.

Комисијата за политички систем треба да расправа за годишните извештаи за работата на Советот на јавните обвинители и на Судскиот совет за 2014 година и за предлог-законите за изменување и дополнување на законите за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка и за спречување на корупцијата, во прво читање.

На дневен ред на Комисијата за европски прашања  е Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на потрошувачите, во прво читање, а на Комисијата за транспорт Предлог-законите за изменување и дополнување на законите за воздухопловство и за превоз во патниот сообраќај, во второ читање.

Членовите на Комисијата за култура, пак, треба да расправаат за предлог законите за изменување и дополнување на законите за музеите и за библиотеките, во второ читање.

За точките од дневниот ред на комисиите за политички систем, за транспорт и за култура треба да се изјасни и Законодавно правната комисија, пред која се и барањата за давање автентично толкување на член 9 став 1 точка 2, а во врска со член 4 став 2 точка 1 од Законот за еднократно отпишување на долговите на граѓаните, поднесено од пратеникот Реџаил Исмаили и на член 20 точка 8 од Законот за постапување со бесправно изградени објекти, поднесено од градоначалникот на Општина Демир Хиса, како и исправка на Законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на храната.