Седници на три собраниски комисии

Во Собранието на Република Македонија денеска седници ќе одржат комисиите за финансирање и буџет, за земјоделство, шумарство и водостопанство и за економски прашања.

На дневен ред на Комисијата за финансирање и буџет се предлозите за изменување и дополнување на законите за финансиската полиција и на Законот за Царинската управа, двата во второ читање.

Членовите на Комисијата треба да ги разгледаат и предлозите за изменување на законите за податоците во електронски облик и електронски потпис, за денационализација, за издавање на обврзници на Република Македонија за денационализација, и на Законот за начинот и постапката на исплатување на депонираните девизни влогови на граѓаните по кои гарант е Република Македонија, сите во второ читање, како и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Царинската тарифа во прво читање.

Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство треба да расправа по предлог законите за изменување и дополнување на Законот за шумите, за шумарска и ловна инспекција и за безбедност на храната за животни, сите во второ читање.

На дневен ред на седницата на Kомисијата се и предлог-законите за дополнување на Законот за ловството и на Законот за Државниот инспекторат за земјоделство, во второ читање и Предлог-законот за изменување на Законот за шумите во прво читање, поднесен од пратениците Илија Димовски, Талат Џафери, Марјанчо Колевски, Соња Талевска.

На Комисијата за економски прашања се Предлог-законот за дополнување на Законот за техничката инспекција, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Државен пазарен инспекторат и Предлог-законот за дополнување на Законот за концесии и јавно приватно партнерство, сите во второ читање.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.