Македонија

Седум години без легендарниот Тоше Проески

Седум години без легендарниот Тоше Проески

Македонија и Балканот денеска се  сеќаваат на Тоше Проески кој на денешен ден пред седум години трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, на пат кон Загреб.

И годинава во чест на Тоше маратонци тргнаа од Нова Градишка, на 13 октомври во 6.05 часот, и трчаат околу 900 километри по рутата која во спротивен правец беше последното патување на Тоше. Тие треба да стигнат денеска во Крушево и да го посетат неговото вечно почивалиште.

Фановите на Тоше на 5 октомври го организираа и  „Ѕвезденото небо“ со кое одбележаа седум години од неговиот последен концерт, кој беше хуманитарен и во соработка со УСАИД наменет за подобрување на условите во образованието.

Животот на Тоше заврши во годината кога одбележуваше десет години успешна кариера и кога таа почна да станува меѓународна. Но албумот на англиски јазик што го подготовуваше беше постхумно промовиран  („The Hardest Thing“).

Тодор Проески – Тоше е роден на 25 јануари 1981 и својот музички талент го покажал уште како петтоодделенец на фестивалот „Златно славејче“ (1992) каде испеал песна на влашки јазик. Музичката кариера ја почна со победата на „Мелфест“ во Прилеп, во 1997 година, и оттогаш  настапуваше на сите значајни фестивали во земјава и регионот,  а во 2004-та ја претставуваше Република Македонија на Евровизија во Истанбул. Таа година стана и амбасадор на УНИЦЕФ.

Објави седум албуми – неколку и во превод на српски/хрватски јазик. Последниот – „Игри без граници“ беше промовиран две недели пред несреќата, а последниот концерт го одржа на Градскиот стадион  на 5 октомври 2007.