Седум години од хеликоптерската несреќа кај Катлановско Блаце

Во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец денеска ќе биде одбележана седумгодишнината од трагичната хеликоптерска несреќа кај Катлановско Блаце во која загинаа 11 припадници на Армијата на Република Македонија кои се враќаа од мисијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина.

По тој повод делегации од Министерството за одбрана, Генералштабот на АРМ и Здружената оперативна команда (ЗОК) на АРМ, припадници на Воздухопловната бригада (вбр) на АРМ, како и  членови на семејствата на загинатите војници, ќе положат венци цвеќе на спомен обележјата во касарната и на местото на несреќата кај Катлановско Блаце.

На спомен-обележјето кај Катлановско Блаце  ќе присуствуваат и министерот за одбрана Зоран Јолевски, началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески, припадници на ЗОК и вбр на АРМ, претставници од општината Петровец.

Македонските мировници кои се враќаа дома по шестмесечната мисија во АЛТЕА, на 12 јануари 2008 година полетаа со хеликоптерот „МИ 17“  од базата Бутмир кај Сараево. Требаше да слетаат на воениот дел од скопскиот аеродром, а последниот контакт со контролната кула леталото го направило на шест милји од целта.

Во несреќата загинаа потполковник Тони Спасовски, мајор Горан Ристовски, капетаните Бране Спасовски и Игор Ѓорески, заставниците Славчо Василев и Тони Давитковски, постарите водници Јанко Шириќ, Мики Ивановски, Александар Тасковски и Александар Васиќ и десетарот Златко Вељановски. 

фото: МИА