Седум нови амбасадори во Македонија

Во следните два дена вкупно седум нови амбасадор ќе стапат на должност по предавањето на акредативните писма на претседателот Ѓорге Иванов. Македонија ќе добие нови амбасадори од Република Ирска, Велика Британија, Полска, Кина, Албанија, Латвија и Финска.

На местото на досегашниот британски амбасадор Кристофер Ивон, доаѓа Чарлс Едмонд Гарет, кој во британската дипломатија работи од 1987 година, а зад себе има искуство во британските претставништва во Хонг Конг, Никозија, Берн и Тајпеј.

Со тоа амбасадор со најдолг стаж во земјава, ќе стане швајцарскиот амбасадор Стефано Лазарото.

Нов амбасадор на Народна Република Кина, на местото на Цуи Живеи, е некогашниот новинар Вен Џеншун, кој магистрирал на Академијата за дипломатска политика во Виена, а зад себе има искуство во Директоратот на западно-европски работи во кинеското МНР, како и во амбасадите на неговата земја во Германија и во Луксембург. Во Скопје доаѓа од местото Генерален конзул во Франкфурт.

Поранешен новинар ќе раководи и со албаската амбасада во Скопје. Петрит Бушати, покрај 11 годишната новинарска кариера, зад себе има и дипломатско искуство во претставништвата на Албанија во Виена, Стокхолм и Вашингтон.

Нов полски амбасадор Македонија ќе биде филологот Јацек Стефан Мултановски, кој зад себе има искуство во амбасадите во Алмати и Тбилиси, како и во одделенијата за Европа и Русија во полското МНР.

Нов амбасадор на Финска, со седиште во Загреб, е Тимо Рајакангас, додека нов амбасадор на Латвија, со седиште во Прага, е Албертс Сарканис. Нов амбасадор на Република Ирска, со седиште во Букурешт, е Џерард Кор.