Седумгодишниот Ване Бошев го освои врвот „Велики Стрешер“ висок 1.876 метри

 Седумгодишниот Ване Бошев од Неготино, кој планинари од неполни три години и досега има освоено бројни врвови во земјата и странство, а беше прогласен  и за надежен планинар за 2013 година од страна на Федерацијата на планинарски спортови на Македонија, викендов го искачи врвот „Велики  Стрешер” во Србија, висок 1.876 метри надморска височина.

Врвот се наоѓа на планината Варденик во југоисточна Србија и е највисок на тој  планински масив. Подвигот го оствари заедно со неколкумина планинари од скијачко планинарскиот клуб „Власина” од Сурдулица.

За ова денеска за МИА информираше неговиот татко Орданче, кој исто така беше дел од планинарската акција.

– До врвот стигнавме во мошне тешки услови на силен ветар и стара снежна покривка која на места каде што имаше наноси, беше дебела и до еден метар. Се качувавме 5 часа, додека за симнување ни беа потребни само два часа. Одвреме навреме врнеше и нов снег но тоа не беше пречка за Ване да одговори и на овој предизвик, рече неговиот татко кој е долгогодишен планинар.

Бошев како член на спортско планинарскиот алпинистички оринетационен клуб „Антигонеа” од Неготино, интензивно се подготвува за освојување  и на  планинарските врвови „Триглав” во Словенија висок 2.864 метри  и “Мурмулада” во Италија со височина од 3.342 метри.

– Годинава ја започна со освојување на повеќе  планинарски врвови во Македонија, а учествуваше и на бројни други планинарски акции. Во меѓувреме активно работи на подготовките за планираното искачување на атрактивните врвови во Словенија и Италија. Според планот, неговиот најнов подвиг треба да се реализира во јули месец, рече неговиот татко.

Тој потсетува дека на само шест ипол години, младиот неготинец  минатата година во мај  го освои “Титов врв” на планината Попова Шапка, висок 2.747 метри надморска височина.

– Тој беше најмладиот планинар од вкупно 810  планинари од земјава и странство кои беа дел од традиционалното искачување на највисокиот врв на Шапка и втор по височина врв во Македонија. За својот најнов успех  доби  диплома за најмлад учесник. На неполни 7 години го освои и врвот “Мали Томор” висок  2.474 метри на истоимената планина  во Албанија а се искачи и на покривот на Балканот,  го освои највисокиот балкански врв, “Мусала” во Бугарија, висок 2.925 метри и 40 сантиметри, кажува таткото кој признава дека е горд што синот ја наследил од него љубовта кон планинарењето.

Ване Бошев, како што самиот открива, сонува  кога ќе наполни 10 години заедно со татка си да се качи на “Мон Блан”, планина во Алпите со највисок врв во Западна Европа од 4.808 метри.