Седумнаесет компании потпишаа договор со Фондот за иновации

Седумнаесет претпријатија избрани на Вториот повик на Фондот за иновации денес потпишаа договор со премиерот Никола Груевски и со директорот на Фондот Јасмина Поповска.

Станува збор за 10 иновативни проекти на „старт-ап“ и „спин-оф“ претпријатија со грантови до 30 илјади евра, а седум фирми ќе ги комерцијализираат своите иновации со грантови до 100 илјади евра по проект.

Во рамки на вториот повик до Фондот биле доставени 95 апликации за иновативни проекти, а премиерот Груевски во својот говор подвлече дека тоа е добар показател оти полека но сигурно се раздвижува базата на креативни умови, храбри поединци и групи, млади компании и перспективни претприемачи.

Владата на РМ и понатаму ќе ги следи и поддржува ваквите проекти. За 2016 година имаме испланирано 2 милиони 650 илјади евра со кои е планирано да се поддржат 25 стар-ап и спин-оф претпријатија, десет проекти за комерцијализација на иновации, два проекти за трансфер на технологии и еден деловно-технолошки акцелератор. Заклучно со 2017 година за инструментите преку Фондот за иновации имаме предвидено 10 милиони евра за поддршка, рече Груевски.

fond-gruevski.gif2_-640x360

Груевски подвлече и дека Владата одлучила сериозно да ја промени атмосферата од минатото кога голем број на иновативни идеи згаснале или пак биле преселени во други држави кои многу порано тргнале по вистинскиот пат за поддршка на иновациите.

Преземените бројни мерки, кампањи и конкретни проекти за поттикнување на претприемништвото и иновативниот дух се со цел да се разбуди креативниот дух кај младите, да се промени начинот на размислување и да се искористи максимално знаењето, искуството, вештините и идеите, рече Груевски.

Груевски ги охрабри сите кои имаат свои планови во иднина во делот на иновациите и претпримеништвото да ги следат наредните огласи преку Фондот за иновации и технолошки развој.

Директорката на Фондот Јасмина Поповска истакна дека преку јавните повици што годинава првпат ги организира Фондот се поддржани 33 претпријатија за развој на иновативни проекти. На останатите кои аплицираа, но не добија средства им порача да не се обесхрабруваат, да веруваат во своите идеи и да се пријават на следните повици.

Во Македонија постојат иновативни претпријатија и истите се обидуваме да ги наградиме за нивната напорна работа во 2015 година со тоа што добија финансирање и мене ми е навистина чест што ќе соработувам со вакви компании пред се затоа што имаат некоја визија за сопствен напредок, но и напредок на економијата во Македонија, рече Поповска.

fond-gruevski-640x360

Инаку по формирањето на Фондот за иновации и технолошки развој и објавениот прв повик за финансирање новоосновани микро, мали  и средни претпријатија  во јуни годинава беа потпишани првите договори за финансирање проекти на 16 компании.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.