Шеесет станбени облакодери во Британија вон противпожарните стандарди

AFP PHOTO / Tolga AKMENTOLGA AKMEN/AFP/Getty Images

Британската влада објави во неделата дека најмалку шеесет станбени облакодери во Лондон и другите британски градови не се во согласност со противпожарните норми, додека властите се мобилизирани поради стравувањето од повторување на трагедијата во пожарот во кулата Гренфил во Лондон.

Масовната операција на проверка на усогласеноста со противпожарните норми на станбените згради за кои е одговорна британската влада, е покрената откако огнот го уништи облакодерот Гренфил во Лондон ноќта кон 14 јуни, при што загинаа најмалку 79 луѓе.

Фасадната облога на споменатиот станбен комплекс помогнала за ширење на пожарот, а слична облога и изолациски материјали се откриени уште на 60 станбени згради за кои е проценето дека не се безбедни по противпожарните тестови.

Претходно беше утврдено за уште 34 високи згради дека не одговараат на безбедносните прописи.

Во саботата превентивно беа евакуирани повеќе илјади станари до 650 станови на големиот станбен комплекс „ Chalcots Estate“ во општината Камден, на северот од Лондон.

Инспекцијата утврдила дека четири од петте облакодери претставуваат опасност. Надворешните изолациски паноа кај овие згради биле исти како и оние кои го прекривале Гренфил.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.