Шефот на НАТО разговараше со турскиот и германскиот министер поради спорот за посетата на воздухопловните сили

Генералниот секретар на НАТО разговарал претходно седмицава со турскиот и германскиот министер за надворешни работи и од нив барал да ги надминат меѓусебните разлики во ставовите во однос на посетата на турските воздухопловни сили, што е само дел од поголемиот спор меѓу двата сојузника во Алијансата, пишува во неделата Reuters.

Анкара одби да дозволи на германските пратеници да ги посетат германските војници во две воздухопловни бази во Турција, откако Берлин не им дозволи на турските министри да учествуваат на собири на големата турска заедница во Германија.

„Се надеваме дека Германија и Турција се способни да изнајдат датум за посетата кој е прифатлив за двете страни“, изјави портпаролот на НАТО.

Од НАТО соопштија дека генералниот секретар Јенс Столтенберг во петокот телефонски ги повикал шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу и неговиот германски колега Зигмар Габриел, побарал од нив да ги решат несогласувањата.

Германските вооружени сили се под парламентарна контрола и официјален Берлин изјави дека пратениците мораат да имаат пристап до своите војници.

Спорот меѓу Берлин и Анкара ескалираше деновиве и откако Германија одби да ги предаде барателите на азил за кои Турција вели дека биле вмешани во минатогодишниот обид за воен преврат во Турција. Берлин, исто така, бара ослободување на турско-германскиот новинар Дениз Јучел кој е уапсен во Турција и е обвинет за поддршка на тероризмот.