Шефот на Пентагон изјави дека е суверено право на Турција да го купи рускиот систем С-400

Американскиот министер за одбрана, Џејмс Матис, изјави дека суверено право на Турција е нејзината одлука да набави противракетен систем од Русија, а не од сојузниците од НАТО.

Шефот на Пентагон на брифингот со новинарите во петокот бил запрашан дали го одобрува споменатиот чекор на Турција, којашто, според сознанијата на американската новинска агенција Bloomberg, донела одлука да набави руски противвоздушни ракетни системи од типот „С-400’.

„Тоа е суверена одлука, и тоа е сѐ“, кусо одговорил американскиот министер за одбрана Џејмс Матис. Но истовремено додал дека руските системи „С-400“ не се компатибилни со воената опрема и техника на Северноатлатнската алијанса, чијашто членка е и Турција.

„Проблемот е во тоа како да се обезбеди интероперабилност на системите на НАТО со рускиот. Тие никогаш нема да бидат оперативно компатибилни“, изјавил Матис.

Шефот на Пентагон во врска со оваа тема повикал да се почека натамошниот развој на ситуацијата, да се види дали навистина договорот ќе биде склучен и реализиран.

„Дали навистина тие (Турција) ќе ги користат? Дали тие ќе го користат системот во само во еден регион?“, истакнал Матис.

Системот „С-400 Триумф“(SA-21 Growler, според класификацијата на НАТО), е руски ракетен систем за противвоздушна одбрана со среден и долг дострел. Наменет е за уништување на сите современи и напредни средства за воздушно-космички напади.

Агенцијата Bloomberg, повикувајќи се на неименуван вископозициониран претставник на Турција, во четвртокот објави дека Анкара се согласила да ѝ исплати на Русија 2,5 милијарди долари за системи „С-400“. Во информацијата се тврдеше дека две батерии „С-400“ Анкара ќе ги добие од Москва, додека уште две ќе бидат произведени на територијата на Турција.

Овој систем може да погоди аеродинамични цели на оддалеченост до 400 километри и до 60 километри за тактички балистички ракети, кои летата со брзина до 4,8 километри во секунда: крстосувачки ракети, авиони на тактичката и стратешката авијација, борбени единици на балистички проектили. Радарите на системот овозможуваат откривање на цели на оддалечености до 600 километри. Неговите проектили „земја-воздух“48Н6Е3, можат да погодат аеродинамични цели на височина од 10 до 27.000 метри, а балистички цел од 2 до 25.000 метри.