Сега е време политичарите да покажат дека се за интеграција во ЕУ

Во изминатите години слушнавме многу прекрасни зборови за интегрирањето на земјата во ЕУ. Сега е време за сите политичари, да повторам, сите политичари да покажат дека овие зборови ги поддржуваат со дела. Овде сме да и помогнеме на вашата земја на патот кон ЕУ, но мора да видиме дека тоа навистина го сакате.

Ова го изјави евроамбасадорот Аиво Орав на промоцијата на твининг-проектот за зајакнување на капацитетите за процесот на европската интеграција на Секретаријатот за европски прашања и клучните министерства, пренесува МИА.

Вицепремиерот за европски прашања, Фатмир Бесими запрашан да ја коментира изјавата на Орав на означувањето на почетокот на овој проект повтори дека патот на Македонија е кон ЕУ, оти тоа е така и така треба и да остане. Бесими додаде дека кратките пораки како оваа на евроамбасадорот се секогаш најјасни.

Проектот за зајакнување на капацитетите за процесот на европската интеграција ќе се спроведува 21 месец во СЕП и клучните министерства и е финансиски поддржан со 1,7 милиони евра преку ЕУ, односно ИПА 2010/ТАИБ.