„Сеир“ е новиот албум на Влатко Стефановски

„Сеир“ е прво кантавторско издание на Влатко Стефановски по албумот „Кула од карти“ издаден пред десет години. Стефановски е автор на музиката и на текстовите на десетте композиции на албумот.

„Албумот го подготвував долго време, композициите ги прибирав десет години, а процесот на снимање траеше четири години. Горд сум на тоа што звукот на албумот го снимав сам, не ме мрзеше да потрошам време на снимањето на звукот на секој инструмент. Задоволство е да се влезе во територија во која не си стручен. Помалку луѓе во студио, помалку проблеми.Текстовите ги пишував долго време.Ги избирав внимателно избирајќи ја тежината на зборовите во стиховите, строфите и песните,“ изјави Стефановски.

Во врска со името на албумот „Сеир“, Стефановски рече дека сеирот е балканска зен-дисциплина, односно на луѓето им е полесно да ги советуваат другите и да решаваат туѓи проблеми отколку самите да си ја сработат својата работа.

„„Сеир“ е дебар маалска песна во која ја споменувам кафеаната Идадија.Според мене тој предел таму е духовен центар на Скопје и во тој кварт се чувствувам најубаво,“ изјави Стефановски.

Тој истакна дека албумот веќе го преслушале некои блиски пријатели како Бајага, Никша Братош, Здравко Чолиќ и позитивно се изразиле за продукцијата.

„Сметам дека овој албум ќе има свој живот и ќе држи вода подолго време,“ изјави Стефановски

На албумот покрај Ѓоко Максимовски и Дино Милосављевиќ, како гости се јавуваат Раде Шербеџија, Каролина Гочева, Дамир Имери,Васил Хаџиманов, Марко, Рамљак, Зоран Маџиров, Васко Атанасовски, Кирил Кузманов, Трајче Велков и Мите Димевски.

Албумот е снимен во Есториа Саунд Студио и своја промоција ќе има во издание на Кроација рекордс.Во подготовка е дигитална верзија на албумот за „Ај тјунс“, каде што ќе се појават голем дел од неговите минатогодишни изданија.

Насловната фотографија на албумот ја снимал неговиот син Јан (13). „Сеир“ е 32 албум на Влатко Стефановски и проектот се вклопува во тенденцијата на враќање на кант-авторите на музичката сцена.