Шекеринска го промовира проектот „Гаранција за млади“

Потпретседателката на СДСМ Радмила Шекеринска денеска во скопска Кисела Вода го промовира проектот „Гаранција за млади“ кој, како што наведе, е базиран на многу добри европски искуства и пракси, а е прилагоден за македонски услови.

– Проектот ,,Гаранција за млади“ ќе значи дека државата ќе гарантира на сите млади граѓани во Македонија дека веднаш по завршувањето на образованието во рок од четири месеци секој млад човек ќе може или да го продолжи образованието или да добие понуда за работа или да добие можност за практика, обука или тренинг со којшто ќе се прилагоди на потребите на некое работно место коешто е на располагање, истакна Шекеринска.

Овој проект, како што посочи, во многу европски земји дал добри резултати и затоа сметаат дека треба да биде фокусот на младинските политики за младите да не заминуваат туку да останат во татковината.

– Со ова покажуваме дека како политичарите мора да се трудиме да ги решаваме проблемите, дека сме свесни дека младите не заминуваат заради невозвратена љубов туку заради егзистенцијални проблеми, низок животен стандард, заради неможност да ги решат тие проблеми во својата татковина. Тоа ќе се промени од 11-ти декември, рече Шекеринска.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.