Шекеринска: Имаме план како младите да останат во Македонија

Радмила Шекеринска носител на листата на кандидати за пратеници во ИЕ 5 од коалицијата предводена од СДСМ, денеска во Битола истакна дека една од програмските задачи е мотивот за запирање на масовното иселување на младите од државата во странство.

Имаме план, рече таа, како младите да останат во Македонија, да формираат семејство, да најдат работа и да ја градат својата иднина.

– Ние имаме план со кој минималната плата ќе ја покачуваме секоја година до 16.000 денари и тоа ќе важи за сите, за вработените од текстилната  и кожарската индустрија, ќе обезбедиме финансиска помош од буџетот на Република Македонија да им помогнеме и на фирмите да обезбедат егзистенција за своите вработени, посочи Шекеринска, која имаше средби со граѓани во Битола.

Крајната цел, рече, е просечната плата во нашата држава да изнесува 30.000 денари, а младите да добијат директна поддршка од државата, односно 10.000 евра неповратни средства со кои ќе почнат бизнис и две години можност тој бизнис да го водат во старт-ап центрите во Република Македонија.