Шекеринска-Каракачанов: Бугарија ја поддржува Македонија за НАТО и ЕУ

Бугарија го поддржува членството на Македонија во НАТО и во ЕУ и по потпишувањето на Договорот за добрососедство веќе нема спорни прашања меѓу двете земји, истакна бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов по денешната средба во Софија со македонската министерка за одбрана Радмила Шекеринска.

За нас нема проблем со името на Република Македонија, рече Каракачанов, додавајќи оти приоритет на бугарското претседавање со Советот на ЕУ што почнува од 1 јануари ќе биде евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан.

Министерката Шекеринска оцени дека потпишаниот Договор за добрососедство не е само парче хартија, туку платформа за градење успешна соработка меѓу Македонија и Бугарија во сите области.

Шекеринска информира дека со Каракачанов разговарале за повеќе конкретни области меѓу кои за обука на армиските припадници, заеднички вежбовни активности и размена на искуства за реформите во одбраната и за евроатлантскиот интегративен процес.

Шекеринска и Каракачанов денеска во Софија потпишаа и два протокола за соработка во областа на военото воздухопловство и за лабораториски испитувања на горива, подмачкувачки материјали и специјални течности.