Шекеринска тврди дека идентитетот е гарантиран, а го потврдува и Грција

Клучната придобивка на овој договор е дека на сите нас, граѓани на државата, и особено на оние кои се Македонци и засегнати од овие идентитетски прашања, еднаш засекогаш ни дава шанса, не само дома, не само во пријателски земји, туку во цела Европа и во цел свет да имаме загарантиран и потврден идентитет кој со свој потпис го потврдува и Грција, изјави во средата вечерта вицепремиерката и министер за одбрана Радмила Шекеринска во интервју во емисијата „24 анализа“ на теелвизијата ТВ24.

„Од држава со илајда и еден проблем, со кавги со речиси секој од соседите, се претвораме во единствена држава на Балканот која нема ниту едно отворено прашање со соседите, која ги има регулирано сите свои граници и проблемите со соседите ги реши на најевропски и најсовремен начин, седнувајќи на маса“, рече Шекеринска.

Рече дека Владата во четврток ќе дискутира и ќе го одобри договорот и веднаш потоа со грчката страна да се договори потпишување во текот на следните четири-пет дена за, како што рече, да може да почне и постапката за ратификација во Собранието на Република Македонија. Шкеринска појасни и дека станува збор за период од десетина дена во кој ќе се договорат сиве овие чекори.

„Сѐ уште и со грчката Влада разговараме околу датумот за потпишување, бидејќи и кај нив има случувања. Од наша страна е коментарот на опозицијата и на Мицкоски, од нивна страна е нивната опозиција и коментарите на Мицотакис. Дуото Мицкоски -Мицотакис очигледно нѐе обвинува за исти работи, само од различни позиции. Но, ако постојат најави дека ќе се гласа и во грчкото собрание доверба или недоверба за грчката Влада, тоа може да влијае на датумот за потпишување“, рече Шекеринска додавајќи дека сакаат во следните четири-пет дена тоа да се заврши.

Според вицепремиерката во Грција и во Македонија има луѓе кои „воопшто не сакаат да има договор и дека ќе се трудат да го оневозможат тоа“.

„Одговорно тврдам дека она што го кажавме на јавноста тоа го испорачуваме – зацврстен идентитет, шанса Македонија да излезе од балканската кал и да добие членство во ЕУ и во НАТО и се што ќе договориме ќе го ставиме на тест на јавноста. За ова ќе одлучат граѓаните“, тврди Шекеринска.

Додаде дека ова е, како што рече, најдобриот можен договор за Република Македонија во овој момент и смета дека граѓаните позитивно ќе се изјаснат на референдумот. Толкуваше дека договорот не навлегува во конкретна институција, но она што произлегува од него, според Шекеринска, е дека сите оние места каде што е потребна придавка врзана со етничката припадност – обичаи, култура, традиција, придавката македонски ќе се користи чисто, на пример, македонска литература, македонски обичаи…

„Во еден од членовите точно се кажува дека кога Грција вели Македонија и македонско, тие се однесуваат на нивниот дел, нивната традиција, нивното античко минато и културно наследство. Македонија има право тие да ги користи во оваа многу важна и јасна етничка смисла. Инстиуциите на државата кои не се етнички, се тие кои треба да бидат именувани како институции на таа држава, на пример Министерството за одбрана на Северна Македонија“, рече Шекеринска.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.