Македонија

„Република“: Шекеринска да каже што знаела за криминалниот Протокол за соработка

„Република“: Шекеринска да каже што знаела за криминалниот Протокол за соработка

Шекеринска мора да и каже на јавноста што знаела за овој криминален Протокол за соработка, што знаела за компаниите на Кипар и зошто не пријавила, до обвинителството или до јавноста, дека во Владата во која била заменик им било поважно да добијат рушвет од неколку милиони евра отколку да обезбедат ефтини и квалитетни телекомуникациски услуги за македонските граѓани и за развојот на македонското стопанство, како и да го обезбедат продолжувањето на евро-интеграциите.

Ова го пишува порталот „Република“, по тврдењата на заменик – претседателката на СДСМ дека непристојните предлози на Атила Сендреи и Димитрис Контоминас биле одбиени.

Ако спиеш со кучиња ќе се разбудиш со болви, вели старата поговорка. Навистина е изненадувачки како тоа Радмила Шекеринска мисли дека може да им биде десна рака на Бранко Црвенковски, Владо Бучковски и на Зоран Заев, а притоа наутро да се разбуди чиста, неизвалкана со безбројните скандали кои се поврзуваат со овие ликови. Радмина Шекеринска не знаела ништо за криминалната приватизација на Црвенковски, не знае ништо за аферата Телеком на Бучковски, не знае ништо за аферите што го следат Заев во Струмица, таа е само нивен заменик и десна рака, пишува „Република“.

Порталот нагласува дека документите од аферата Телеком, кои се достапни на судот во Њујорк и од кои Република досега објави само мал дел, покажуваат поинаква слика на Радмила Шекеринска.

Документите укажуваат дека лично од раководството на Маѓар Телеком и на Македонски Телекомуникации, на Шекеринска и бил даден нацрт закон, подготвен со единствена цел да се продолжи монополот на Македонски Телекомуникации, да продолжи осиромашувањето на македонските граѓани преку нереално високи цени за телефонија и интернет, а да продолжи богатењето на тогашните политичари на власт. Дали Шекеринска пријавила дека Атила Сендреи, осомничениот за оваа криминална афера пред македонските судови, и доставил таков закон? Дали се обратила до Јавното Обвинителство дека директор на приватна компанија и приоѓа со изготвен закон кој сака да биде изгласан на Влада? Доколку Шекеринска го пријавила овој случај, Република со задоволство ќе ја повлече веста, но јасно е дека тоа не се случило. Шекеринска треба да се потсети дека нејзиниот пријател Зоран Талер заврши во затвор токму затоа што се согласи да поднесе законски акти во интерес на приватна компанија, пишува порталот.

Радмила Шекериска молчела додека низ седиштето на Владата, во која таа беше втор човек, влегувале и излегувале корумпирани директори од унгарската компанија и грчки посредници поврзани со Димитрис Контоминас, и нуделе милионски суми за продолжување на штетната монополска позиција на Македонски Телекомуникации.

Но, Шекеринска денес се обиде да даде лажна претстава пред јавноста дека непристојните предлози на Атила Сендреи и Димитрис Контоминас биле одбиени, дури наводно по нејзина заслуга. Да беше така, госпоѓо Шекеринска, немаше да има судски спор пред судот во Њујорк и Маѓар Телеком и Дојче Телеком немаше да се согласат да платат казна од 95 милиони долари. Напротив, и јавноста добро знае, и извештаите на Европската Комисија потврдуваат дека Владата на Бучковски и Шекеринска со прст не мрднала да го либерализира телекомуникацискиот пазар во Република Македонија, дури ни по добиената закана, испорачана лично до неа, дека на Македонија и се заканува блокада на евро-интеграциите од цели три години. Напротив, од доказите претставени пред судот во Њујорк, сведоци сме дека Владата на Бучковски и Шекеринска потпишала дополнителен документ, крајно криминален и штетен Протокол за соработка, со кој се обврзува дека нема да распише тендер за трет самостоен мобилен оператор. Притоа, на кипарски фирми, преку сомнителни договори, им биле исплатени милионски суми, а доказите пред судот во Њујорк укажуваат дека тие пари биле наменети за потплатување на политичари од редовите на коалицијата на СДСМ и ДУИ. Госпоѓата Шекеринска мора да и каже на јавноста што знаела за овој криминален Протокол за соработка, што знаела за компаниите на Кипар и зошто не пријавила, до обвинителството или до јавноста, дека во Владата во која била заменик им било поважно да добијат рушвет од неколку милиони евра отколку да обезбедат ефтини и квалитетни телекомуникациски услуги за македонските граѓани и за развојот на македонското стопанство, како и да го обезбедат продолжувањето на евро-интеграциите, стои во текстот.

Порталот уште еднаш нагласува оти македонската јавност знае, а извештаите на Европската Комисија потврдуваат, дека либерализацијата на телекомуникацискиот пазар се случи дури по смената на Владата на Бучковски и Шекеринска и доаѓањето на новата владејачка коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ, партија која со години наназад се залагаше за влез на сериозни странски инвеститори во телекомуникацискиот пазар.

ВМРО-ДПМНЕ оваа своја заложба ја исполни веднаш по доаѓањето на власта, со што и извештаите на Европската Комисија веднаш добија позитивен тон, а и јавноста можеше да почувствува дека конкуренцијата носи далеку пониски цени и подостапни услуги, нагласува порталот.

Повеќе за ова на следниот линк.