Секој четврти млад Кипарец е без работа

Економската криза во Кипар погоди многумина, но младите се нејзини најголеми жртви, бидејќи еден од секои четворица млади на островот е без работа, а останатите се занимаваат со најразлични работи, што немаат ништо заедничко со она за што се квалификувани, соопштува весникот „Филелефтерос“.

Податоците за младинската невработеност во Кипар се шокантни, алармира уште весникот, нагласувајќи дека овој показател е загрижувачки за островската држава, која се согласи на надворешно кредитирање поради кризата.

Минатата недела кипарската Влада најави амбициозна програма за борба против невработеноста во вкупна вредност од 340 милиони евра, што ќе започне да се одвива од почетокот на 2014 година. Во неа се предвидени две нови шеми за субвенционирано вработување на 5.000 невработени млади луѓе кои имаат завршено средно или високото образование.

Кипар доби во март оваа година заем од 10 милијарди евра од ЕУ и ММФ. Во замена Никозија мораше да ликвидира една од основните банки и да ја реструктуира најголемата, што доведе до загуби од 47,5 отсто до 100 отсто на депозитите во вредност од над 100.000 евра.

Кипар е обврзан освен тоа да направи драконски кратења во буџетот и да приватизира голем број компании. Овие мерки имаат силен притисок врз економијата на земјата, што е во длабока рецесија.