Секој четврти Србин живее на работ на сиромаштија

Секој четврти граѓанин во Србија живее на раб на сиромаштија. Комбинацијата на разни стратешки анкети, покажа такви, крајно понижувачки резултати. Стапката на сиромаштија е 24,6 отсто, утврди Републичкиот завод за статистика, што оваа држава ја става на прво место меѓу сиромашните земји во Европа. Дека се работи за податоци во кои не треба да се сомневаме, ќе се уверите и сами ако макар се прошетате по една од централните улици на Белград, на пример по ул. ,Цар Душан. Тука ќе затекнете една народна кујна, пазар на чии тезги Белграѓаните донесуваат тешки одлуки што да купат, а што не, како и многубројни продавачи кои по тротоарите постилаат половни предмети и ги продаваат за мали пари.

Тука се кршат копја околу еден половен, изгребан, но не и корозиран експрес лонец. Брачна двојка ја гледа најатрактивната понуда која ја изнесе Бојана Јаблан. Тие се подготвени да издвојат 200 динари, а продавачката инсистира да заработи макар 20 повеќе. Во тек се битки за 2 евра, а Бојана ни вели:

– Ова е беда! Погледнете што продавам. Продавам графика, шише од маслиново масло, продавам кабел, се од дома, само да имам што да јадам. Јас и мојот син. Струјата не можам да ја платам, ни ја исклучија. Гневна сум, на се сум гневна… Па и на неодлучните купувачи, бидејќи експрес лонецот, барем додека ние бевме на лице место, не се продаде.

Првата државна стратегија за намалување на сиромаштијата применувана во Србија од 2003 до 2009 година. Според зборовите на Мирјана Максимовиќ, од Тимот за инклузија и намалување на сиромаштијата на Владата на Србија, бројот на сиромашните во тој период бил преполовен. Меѓутоа, показателите пред крај се влошија:

– Бројот на сиромашните за кои сега зборуваме дојде како последица од економската криза – вели Мирјана Максимовиќ.

Да се потсетиме, само 200.000 луѓе помалку од цели два милиона. Тие лесно можат да бидат таа сила која дури и би се заканила на општествената стабилност, предупредува социологот Загорка Голубовиќ и потенцира дека тешко е да се процени колку е можно да се случи нешто такво:

– Кога ги правевме истражувањата, анкетираните одговараа дека не се задоволни од ова или она. Кога ги прашавме зошто не се здружија да го изразат тој револт, одговараат – па никој не не викна.

Знаете, кај нашиот народ се уште постои тој импулс навистина нешто да направат заеднички. Нема сфаќање дека тоа е наше човеково право – констатира Загорка Голубовиќ.

Секој ден 1.200 од тие кои од колона на полугладни од ул. Цар Душан, поминуваат кон благата угорница на ул. Француска бр. 31. Толку оброци се подготвуваат и делат во таа народна кујна на Српската православна црква.

Од мајските поплави, ни вели една готвачка, бројот на корисниците е многу зголемен. Саша Имеровиќ од порано е редовно на оваа адреса. Поранешен спортист, денес со инвалидска пензија:

– Таа инвалидска пензија е 13.000 динари. Тоа е ништо, не е доволно ни за сметките. Инаку, јас во поранешна Југославија ја носев штафетата на младоста на Тито. И што остана од сето тоа? Ништо… тоа е. Но, добро е што и ова ни го даваат – вели Имеровиќ.

Според официјалните податоци над 700.000 луѓе во Србија примаат социјална помош по разни основи. Најзагрозената категорија лесно се гледа, потенцира Мирјана Максимовиќ:

– На прво место се децата. Најзагрозените семејства се повеќечлените семејства, значи тие со над 6 члена во домаќинствата. Она што покажуваат податоците е и дека жените, посебно жени кои доаѓаат од чувствителни групи, се во загрозена категорија. Кога зборуваме за човекови права тука според повеќе индикатори се појавува ромското национално малцинство, како една од најсиромашните и најзагрозените. Тоа се првите три најзагрозени категории на населението.

Бајлонијев, еден од пазарите со најпрепознатливо име во Белград. На тој пазар разговараме со Анѓелија Петровиќ, пензионерка, која иако е стара, за неа нема одмор:

– Продавам чорапи за деца, но никако не оди. Луѓето купуваат по еден пар, иако цената е 50 динари. Не е скапо. Јас сум пензионер, добивам 14.000 по пола, значи 7.000 динари. Ќе ги платам комуналиите и тоа е тоа. Ако не беше оваа работа, би цркнала од глад – вели Анѓелија Петровиќ.

Како што се очекува, новата стратегија за борба против сиромаштијата, под името Европска програма за реформи во областа на вработувањето и социјалната политика, Владата на Србија треба да ја усвои во почетокот на 2015 година. Со програмата се предвидуваат чекори за период до 2020 година во областа на вработувањето и социјалната политика. Мирјана Максимовиќ потенцира:

– Добра работа е што е тоа обврска која произлегува од приклучувањето на Србија на ЕУ. Тоа ќе значи дека ЕК ќе врши мониторинг над стратегијата, што е еден плус кога зборуваме за нејзината имплементација.

Со наведената стапка на сиромаштија од 24,6 отсто, Србија зад себе ја остави Романија, која бележи 2 процента пониска вредност, како и Бугарија во која тој процент изнесува 21,2 отсто. Ако се бара заеднички именител, тој секако е во тоа што се работи за маси луѓе кои се потиснати многу длабоко на социјалните маргини, дека можност за насочување на нивното незадоволство практично тешко може и да се замисли. Тоа го наведе и Загорка Голубовиќ:

– Работата е во тоа што дојдовме до таму, што голем број на луѓе се невработени и гладни и дека голем број на фабрики се затворени. Таа невработеност и таа прегладнетост ги доведе до состојба кога психички не можат да реагираат на вистински начин.

Мирјана Дукиќ е пензионерка, поранешна келнерка во угостителското претпријатие Стари град. Вака ја опишува сиромаштијата:

– Тоа е кога дома немате ништо. Немаш средства за хигиена, немаш храна, брачниот живот е на распаѓање, односите со децата влошени. Сето тоа влијае на човекот. Сето тоа се големи стресови.

Се вративме во народната кујна во ул. Француска. Тоа е едно од местата каде толкувањата се ставаат во втор план, а како единствено прашање на место се чини ова: – Дали некогаш сте гладни?

– Бев. Сега, благодарение на оваа кујна, не сум повеќе гладна. Како е да се биде гладен? – Што ќе правиш, мора да трпиш, а стомакот свири. Немаш мир. Едноставно сам на себе пружаш отпор за да го совладаш гладот, но организмот си го прави своето – вели Мирјана Дукиќ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.