Секој втор Грк со високо образование има проблем во наоѓање работа

Секој втор Грк со високо образование не може да најде работа во првите три години по дипломирањето, покажа истражување на Евростат.

Според истражувањето, како што јави дописникот на МИА од Атина, Грција е на последно место меѓу земјите-членки на Европската унија, со само 49,9 проценти од дипломирани студенти кои наоѓаат работа во рок од три години, откако ќе дипломираат.

Малта е на прво место на листата, со 96,9 отсто од дипломирани кои се вработуваат веднаш по факултетот. Следуваат Германија и Шведска со 93,3 и 90,9 проценто.

Економистите велат дека причината не е во тоа што Грција произведува повеќе дипломци, отколку што е потребно, туку дека нема доволно фирми и странски инвестиции, кои би ги вработиле дипломираните студенти.

Вкупната невработеност се објаснува со бавниот раст и недостигот на државни и приватни инвестиции, како последица од економската криза која од 2010 година ја зафати Грција.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.