Секоја година по 1000 медицински работници ќе се обучуваат во странство

Од следната година планот е по 1000 медицински работници од земјава да заминат на дообуки во странство, од кои најмалку 800 да бидат доктори, истакна премиерот Никола Груевски.

-Веќе имаме широка распространета мрежа на склучени договори за соработка со огромен број на болници и оваа бројка цениме дека е остварлива. Тоа значително ќе придонесе за квалитетот на здравствената услуга во Македонија. Не е работата само да имате лекари и да отидете на лекар, а некои од нив да ве лечат и со методи стари по 20 години или да не ги применуваат најновите методи за дијагностика или за хирушки зафати или било каква интервентна медицина. Туку, тоа да го имаат нашите граѓани она што е најмодерно и најсовремено. Онаму каде што медицината отишла најнапред да го има и во Македонија, рече Груевски.

Премиерот потенцира дека во најразвиените болници нашите лекари ќе отидат со цел да бидат обучени за некоја метода и без да ја научат нема да се вратат. Целта е кога комплетно ќе ги научат методите, да се вратат и да ги применат методите во Македонија.

-Покрај ова ќе имаме и специјален ангажман со одредена група на болници во кои на подолг рок ќе пратиме одредена бројка на лекари од 6 специјалности. Тие ќе останат година или повеќе за да станат уште поголеми специјалисти за одредени гранки во медицината. Ќе одат по тројца, а секој од нив по двајца треба да обучи во Македонија. А за тоа колку добро ги обучиле, ќе дојде специјална екипа од таму каде што овие биле година и нешто, да проверат дали тие откако се вратиле навистина добро ги обучиле минимум уште по двајца, истакна Груевски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.