Секоја трета жена во ЕУ e жртва на насилство

Милиони жени во ЕУ се жртви на насилство. Многу од нив морале да поднесат тепање, а честопати сторител е сопствениот партнер, пишува Дојче Веле на македонски јазик.

Според истражувањето на Агенцијата за основни права на Европската унија (FRA) во Виена  во државите на Европската унија секоја трета жена била жртва на телесно или сексуално насилство.

Според студијата, 62 милиони жени во ЕУ биле жртви на насилство. Истражувањето доаѓа до заклучок дека во просек меѓу 20 жени една веќе била силувана. Честопати опасноста за жените е меѓу сопствените четири ѕида: 22 отсто од сите анкетирани се изјасниле дека доживеале телесно или сексуално насилство од сопствениот партнер.

Честопати ваквите напади во врските, според студијата, се секојдневие.  „Дојче Веле“ пренесе дека и бремените жени не се поштедени. Меѓутоа, само малкумина се осмелуваат да преземат мерки. Многу жени наведуваат дека биле толку многу посрамени што не сакале да пријават во полиција.

Силувањата од непознати лица, при што најчесто се вклучени повеќе мажи, почесто биле пријавувани. Шест проценти од анкетираните навеле дека веќе доживеале обид за насилство. Многу жени учествуваат во сексуалните активности, бидејќи имаат страв од можните последици.

Според студијата, телесно насилство е кога жените се тепани, влечени за коса, туркани или удирани со цврсти објекти. Сексуално насилство, пак, значи силување или обид за силување.

Австрија, Хрватска и Полска, со околу 20 отсто се европски земји каде жените доживеале најмалку насилство. Најмногу насилство, според студијата, доживеале жените во трите нордиски земји – Данска (52 отсто), Финска (47 отсто) и Шведска (46 отсто). Германија со 35 отсто и е малку над ЕУ-просекот (33 отсто).

Според „Дојче Веле“ ова е досега најголемата светска студија за насилство врз жените. За студијата биле анкетирани 42.000 жени на возраст од 18 до 74 години во 28-те земји членки на ЕУ. Разговорите биле водени во 2012 година. Прашањата се однесуваа на нивните искуства и случки по нивната 15 година од животот.

Како консеквенција од студијата Агенцијата за основни права на ЕУ ги повика земјите членки на Унијата да ја ратификуваат спогодбата на Советот на Европа за заштита и борба против насилството врз жените и домашно насилство, т.н. Истанбулска конвенција. Досега тоа го имаат сторено Австрија, Италија и Португалија.