Села инсистира Алијансата и натаму да го раководи здравството

Лидерот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села, изјави во четвртокот дека поранешниот министер за здравсто, Арбен Таравари, кој е од Алијансата на Албанците, со успех и правилно менаџирал со ова министерство и дека партијата останува на своите ставови и сака и натаму да го задржи министерското место во здравство, порачувајќи дека за него неприфатливи се измислени функции, откако во Владата разговараше со премиерот Зоран Заев, чијашто партија СДМС за овој ресор го предлага неврохирургот Венко Филипче.

Села не кажа што му одговорил Заев на ова негово барање и посочи одговорот новинарите да го побараат од премиерот. Притоа не беше јасен дали Алијансата на Албанците останува во Владата или не, но кажа дека оваа групација од три субјекта „останува во процесите на реформи и оти ќе продолжат да ги поддржуваат“.

„Бевме главни актери во падот на режимот и уште ќе бидеме фокусирани и остатоците од тој режим, кои се останати во оваа Влада, да сносат одговорност пред лицето на правдата“, порача Села, додавајќи дека правдата е целосна доколки се однесува на сите.

Уште еднаш потврди дека кандидат на Алијансата на Албанците за министер за здравство е Вулнет Ферати.

На прашањето што доколку Заев испрати предлог до Собранието со името на министерот за здравство што веќе беше објавено, Села рече дека тогаш Алијансата на Албанците ќе заземе став по тоа прашање и како се однесува кога ќе биде испратен предлогот.

„Се надеваме дека предлогот за министер за здравство ќе биде од Алијансата на Албанците, бидејќи на таков начин премиерот ќе покаже дека е сериозен и ќе докаже дека не потклекнува под притисоци кои некој му ги прави за да игра политички игри“, рече Села.

Додаде дека остануваат на ставовите дека нема да прифатат позиции кои се прават преку ноќ за да се омаловажува Алијансата за Албанците.

„Такво нешто ние нема да прифатиме. Јас му дадов предлог на премиерот да стокми уште една друга позиција ‘заменик премиер за носење бурек’, и после таа позиција ќе му ја дадам на ДУИ. Ние остануваме на нашите ставови дека ќе го држиме Министерството за здравство“, рече Села.

Дополни и дека Алијансата останува во Владата до процесите на реформите, за што всушност влегле во Владата.

„Нема да правиме договори над договори. Договор за Влада е направен кога се формираше власта и раководевме со Министерството за здравство го правевме тоа успешно. Ако на некој му пречи успешноста, треба да излезе и да каже“, рече тој.

На новинарско прашање дали побарал од Заев друго министерско место, Села одговори дека доколку би се правеле промени, тоа треба да се однесува на сите партии а не само за Алијансата која тој ја предводи.