Села не сака во Влада без избори

„Алијанса за Албанците“ на ниту еден начин нема да биде дел од некоја нова владина гарнитура, на која нема да му претходи парламентарен изборен процес, одлучило раководството на партијата на вчерашното централно собрание во Кичево.

Ваквата одлука се заснова на индикациите дека оваа владејачка гарнитура не е доволно убедлива во својата заложба за радикални реформи во земјата, а особено, потенцираат, поради нејзината индиферентност околу спроведувањето и примената на принципите и функционирањето на владеењето на правото.

Алијансата за Албанците ги поддржува напорите и го охрабрува меѓународниот фактор и македонската Влада да го решат проблемот со името, но било кој предлог за името треба да биде меѓународно преведен и никако не треба да асоцира еднострано, само на јазикот и писмото на една одредена етничка заедница во земјата. На овој начин решавањето на овој повеќегодишен проблем ќе ја одрази мултиетничката реалност на земјата и ќе има важна улога во градењето на мирот, стабилноста и долгорочната толеранција во земјата, велат од партијата на Зијадин Села.