Села: Почнува ново владеење без етнички и политички поделби

Претседателот на ДПА – Движење за реформи Зијадин Села денеска во партиското седиште во Тетово ја одржа својата прва прес-конференција по настаните од 27 април во македонското Собрание кога тој беше нападнат и претепан од повеќе лица. Села ги оцени тогашните настани како реакција на нивното дејствување на политички субјект што, како што рече, потребите на Албанците во Македонија ги преточува во нивни политички барања.

– На 27 април се изврши атентат врз политичките потреби и барања на Албанците во Македонија. Иако тогаш донекаде бевме убиени ние се реинкарниравме и се вративме на политичката сфера на Македонија  и ќе продолжиме со преточување на потребите во  политички барања  заедно со другите политички субјекти во земјата, рече Села.

Тој посочи дека останува на својот став за политички атентат и не сака да се занимава со правниот апсект на случувањата од 27 април бидејќи како што рече, тој бил таму нападнат поради политичките ставови, а не поради некое лично недоразбирање бидејќи луѓето што го нападнаа не ги ни познава.

Во однос на денешните разговори со мандатарот и претседател на СДСМ Зоран Заев, Села изјави дека сега почнува ново владеење  во интерес на граѓаните, што ќе биде праведно и нема да ги дели врз етничка или политичка основа и како надеж дека може поинаку и подобро.

Разговараат, како што рече, за тематски прашања што според него се позначајни отколку можните кадровски решенија.

– Во новата политичка влада без разлика дали ќе бидеме физички присутни или не ДПА – Движење за реформи како дел од коалицијата Алијанса за Албанците приоритет ќе има да бидат земени предвид и да се реализираат потребите и барањата на Албанците во Македонија, рече Села.

Во однос на гаранциите што Заев ги даде на претседателот Иванов при земањето на манадатот за формирање влада, Села посочи дека „тие немаат потпишано никаква гаранција и оти никој не може да им забрани да размислуваат и да зборуваат“.

– Унитарноста не се определува на протести или на друго место, туку во Собранието. Ако има двотретинско мнозинство тоа може да се смени. ВМРО-ДПМНЕ има 51 пратеник и значи ли тоа дека тие не се сигурни во сите свои пратеници како ќе се постават во таа состојба, изјави Зијадин Села.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.