Семафорот на „Борис Сарафов“ поставен само за гледање, и по еден месец не проработе

Пред еден месец беше поставен семафор на пешачкиот премин кај основното училиште „Мирче Ацев“ на улицата „Борис Сарафов“ во скопската општина Ѓорче Петров, но семафорот никако да проработи се жалат граѓаните и родителите.

Тогаш од општината, како и на страницата на Фејсбук на градоначалникот Александар Наумоски, објавија дека екипи од ЕВН работат на приклучоците на семафорот по што требаше во најраток период да почне да функционира.

Денеска, пак ,на прашањата зошто семафорот по толку време се’ уште не работи, испратени од редакцијата на „Нетпрес“ кратко ни одговорија дека треба да се обратиме до Град Скопје бидејќи тие биле надлежни, ане општината Ѓорче Петров.

Од Град Скопје, пак, до објавата на веста не испратија информација зошто семафорот на оваа критична точка сеуште не работи.

Жителите на населбата минатиот месец ја блокираа улицата и протестираа откако беше прегазено дете кое преминувало на пешачкиот премин близу училиштето, барајќи надлежните да преземат итни мерки за зголемување на безбедноста на оваа локација оти како што велеа низ улицата се вози и со 140 километри на час.

Тие подолг период апелираа за поставување на светлосна сигнализација, бидејќи претходно беа полесно повредени уште неколку деца во сообраќајни несреќи на истата улица.

И претходно во октомври минатата година родителите излегоа на протест, со што им беше ветено и од страна на градоначалникот на општината, тогашен кандидат, Александар Наумоски дека ќе се заложи кај градските власти, (бидејќи улицата е под ингеренции на Град Скопје) за проблемот, а градоначалникот на град скопје официјално извести дека ќе се постави семафорот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.