Семејната кошница изнесува 32.316 денари

За да го помине месецот август, на едно четиричлено семејство му биле потребни 32.316 денари. Од овој семеен буџет најмногу пари се трошеле за храна – 13.422 денари, а комуналните трошоци изнесувале 8.253 денари, додека за опрема за куќата и за одржување се потребни 2.199 денари.

Минималната потрошувачка кошница ги изразува нужните потреби на едно семејство со кои тоа би имало минимална пристојна егзистенција, а претпоставките при пресметките велат дека ова четиричлено семејство живее во сопствен стан од 60 квадратни метри и не поседува автомобил.

За одржување на личната хигиена се издвојувале 980 денари, а одржувањето на хигиената во домот чини 1.244 денари. Најмалку пари од семејниот буџет се издвојувале за здравјето – околу 680 денари, како и за посета на културни манифестации – околу 1.070 денари.

Ова значи дека пари стигнуваат само за храна и комуналии.

Според Заводот за статистика, последната просечна нето-плата во Македонија изнесуваше 22.670 денари. Доколку се направи споредба за тоа колку пари се потребни за да се преживее месецот, тогаш на едно семејство со еден приход, односно една просечна нето-плата, ќе му недостигаат 9.646 денари.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.