Семејствата на убиените кај Смилковско бараат да се најде нарачателот

Семејствата на момчињата кои беа егзекутирани кај Смилковското езеро по изрекувањето на пресудата бараат да се најде нарачателот на грозоморното убиство.

„Ги бараме тие пет нарачатели што државата ги прогласи на ’строго доверливи’ личности. Ја кочат екстрадицијата на сега осудените. Не сме задоволни“.

„Очекувано беше дека ќе бидат осудени доживотно. Мене ме изненади зошто еден е ослободен во случајов“, велат од семејствата на убиените момчиња.

Десетмина вештаци потврдија дека возилото на осомничените било на теренот. Во него е пронајдена и ДНК. Заштитениот сведок идентификува еден од обвинетите, а Хаки Хазири во истрага дури и го призна убиството кое потоа го негираше на главен претрес.

„И покрај различната етничка припадност на обвинетите, оваа постапка не треба да ги доведе во прашање меѓучовечките односи и соживотот во Македонија, како што некој сака тоа да го прикаже во јавноста“, рече судијата.

Притворот за сите се продолжува освен за Сејди Рами кој ќе биде слободен. Неизвесно е дали ќе ја тужи државата затоа што зад решетки помина две години. Алил Демири и Африм Исмаиловиќ издржуваат затворска казна на Косово заради недозволено поседување оружје и се уште е неизвесно кога ќе бидат екстрадирани во земјава.

Извор: МРТ

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.