Семејството на Дениса се уште чека документи од грчките власти

Документи поврзани со истрагата за исчезнувањето на Дениза Маркоска преку дипломатска пошта требало да пристигнат вчера, но тие сè уште не се ниту на адресата на Министерството за надворешни работи ниту кај семејството Маркоски од Прилеп, кое две недели чека абер за судбината на нивната ќерка, пишува Телеграф.мк.

Порталот не успеал да добие информации од грчкото Обвинителство за случајот.

Таткото на Дениза, Кире Маркоски, за Телеграф вели дека освен контактот со капетанот на бродот „Серенисима“ кога биле известени дека нивната ќерка исчезнала, немаат добиено никакви други информации поврзани ниту со истрагата ниту со наводите до кои дошле истражните органи.

– Никој не нè контактирал, освен вие, новинарите, кога се јавувате и во Грција и во македонското Министерство за надворешни работи, а потоа зборувате со нас и ни кажувате што сте добиле како одговор, толку знаеме и ние – вели Маркоски.

d

Таткото на Дениза е разочаран од начинот на кој се води истрагата и од интересот на македонската страна за добивање детали поврзани со случајот бидејќи очекувал сериозност и искористување на сите меѓународни канали за да се дојде до вистината.

Маркоски се прашува како е возможно Бугарија да испрати свои експерти по бродската несреќа во Охрид, во која животот го загубија 15 бугарски туристи, а сè уште нема сериозна акција за добивање детали за исчезнувањето на неговата ќерка.

Обвинителството од Крит во понеделникот ги доби полицискиот извештај и извештајот на крајбрежната стража за истрагата што била спроведена. Од македонското МНР, од каде што велат дека се во постојан контакт со грчките надлежни институции, велат дека ќе му остават простор на Обвинителството да го разгледа извештајот за исчезнатата Македонка.

d2

Несреќен случај или нешто друго се случило на бродот пред исчезнувањето на Дениза. На ова прашање треба да даде одговор Обвинителството.

Последната трага од Маркоска, според капетанот на бродот, се губи сред море на рутата од Карпатос до Касу во заливот Мирабело. Во големата потрага, како што пренесоа грчките медиуми, биле вклучени полициските глисери и хеликоптерот, кои биле во потрага по член на екипажот на бродот уште од 12 септември, откако капетанот јавил за нејзиното исчезнување во пристаништето на Агиос Николаос.

Дениза две години работела на бродот „Серенисима“, кој пловел под руско знаме во територијалните води на Грција, а неодамна склучила договор за работа за уште една година. Во моментот кога Дениза исчезнала, бродот се движел од Родос кон Крит. На палубата бил најден само нејзиниот мобилен телефон.