СЕММ: Медиумите да известуваат објективно и професионално

Советот за етика во медиумите (СЕММ) денеска ги повика медиумите за време на претстојниот предизборен и изборен период да известуваат објективно и професионално според основните принципи на новинарското работење.

– Во интерес на етичкото и професионалното работење очекуваме медиумите да не се претворат во разгласни станици на политичките партии, а со јавноста е потребно да комуницираат редовно и да информират квалитетно за сите политички процеси и актери во изборниот процес, истакна Марина Тунева, извршен директор во Советот за етика во медиумите.

Од Советот информираат дека од потпишувањето на Повелбата за етичко известување за избори, до нив се пристигнати околу 80 жалби од кои најголем дел се однесуваат на прилозите објавени во порталите.

– Претставките најмногу се однесуваат на порталите. Веројатно ова ќе продолжи и во наредниот период од едноставна причина што порталите не се регулирани, туку се оставени на саморегулација, рече Димче Адамчевски од Советот за етика во медиумите.

Тој посочи дека најголем број од претставките се однесуваат на тоа дека во прилозите не е застапена втора страна, забележано е мешање на мислења со факти, давање коментари без факти, а сеуште присутен е и говорот на омраза.

Од страна на Советот за етика во медиумите донесена е одлука оние медиуми против кои ќе бидат поднесени жалби и нема да ги почитуваат опомените, да бидат исклучени од Советот за етика во медиумите.

– Ќе им дадеме шанса да се поправат во рок од една година, а доколку постојано има претставки против нив, не ќе можат да бидат избрани во органите на Советот и ќе бидат исклучени од Советот за етика во медиумите, појасни Драган Антоновски.

Повелбата за етичко известување за избори беше потпишана на 12 февруари годинава. Овој документ го потпишаа 92 медиуми.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.