Сенат: Полска стана пофлексибилна откако зема пари за тајните затвори на ЦИА

Полска пред 11 години се закануваше дека ќе го прекине префрлувањето осомничени за тероризам во тајните затвори на ЦИА на нејзина територија, но стана „пофлексибилна“ кога ЦИА и даде поголем износ пари, се наведува во извештај на американскиот Сенат.

Американскиот претседател Барак Обама за овој извештај вчера разговараше со полската премиерка Ева Копач, соопштија од американската администрација и од полската Влада.

Во извештајот не се споменува Полска, но е јасно дека се однесува на неа затоа што деталите, како имињата на три приведени лица и датумите на нивен трансфер се поклопуваат со другите документи, вклучувајќи и една пресуда на Европскиот суд за човекови права што се однесува на една „црна локација“ во Полска што ја водела ЦИА.

Деталите, исто така, се поклопуваат со разговорите со луѓето кои биле запознати со полската истрага за овој наводен таен објект.

ЦИА не сакаше да го коментара извештајот на Сенатот, а полските официјални претставници отсекогаш негирале дека ЦИА има затвор во Полска.