Сенаторка на САД: ЦИА ни врши упад во компјутерите

ЦИА незаконски влегува во компјутерите на членови на Сенатот на САД, за да избрише документи кои се од сослушувања со присилни методи на Агенцијата.

Ова обвинување го кажала претседателката на комисијата за разузнување при Сенатот, Дајен Фајнштајн, и додала дека тоа е кршење на американскиот устав, објавија новинските агенции „Франс Прес“ и „Ројтерс“, пренесува Нетпрес.

„Многу сум вознемирена. Тоа што го направи ЦИА може да е прекршување на уставниот принцип за поделба на власта, како и на слободата на изразување и дебатата“, рекла Фајнштајн во својот остар и многу критичен говор во американскиот Сенат.

„Можно е дејствијата на ЦИА да ја поткопале уставната рамка, која е многу важна за ефикасна контрола од Конгресот на дејностите на разузнувањето“, потенцирала таа.

Во 2009 година, комисијата за разузнување при Сенатот почна истрага за прогрмата на ЦИА за сослушувања со присилни методи, во времето на претседателствувањето на Џорџ Буш со САД. Членовите на анкетната комисија добиле пристап до повеќе од шест милиони документи доставени од ЦИА, кои биле проучувани на заштитени компјутери. ЦИА не требала да има достап до тие компјутери, согласно спогодбата меѓу Сенатот и разузнувачката агенција.

Во 2010 година, пак,  повеќе од 900 страници особено важни документи исчезнале од досиетата, кои ги поседувала истражната комисија при Сенатот.

Според, Дајен Фајнштајн, дејствијата на ЦИА можно е да прекршиле дузина закони, како и указот кој и’ забранува на Агенцијата да врши разузнувачки дејности на територијата на САД. Висок претставник на ЦИА случајот го предал на министерството за правосудство.

Директорот на ЦИА, Џон Бренон, ги отфрлил обвинувањата на Фајнштајн и изјавил дека проверките од министерството за правда ќе докажат дали постојат нарушувања на законите од страна на припадниците на Агенцијата, или, пак, од некој од соработниците на комисијата при Сентатот.

„Американскиот претседател Барак Обама, има целосна доверба во директорот на ЦИА, во разузнувачката заедница на САД, и во професионалците од Агенцијата“, изјавил пред новинарите портпаролот на Белата куќа, Џејн Карни.

Тој не сакал да ги коментира тврдењата на Дајен Фајнштајн, бидејќи случајот бил во процес на разгледување.