Сенатот на САД без договор за финансирањето, делумна блокада на сојузните агенции

Делумно блокирање на функционирањето на американските сојузни служби настапи од полноќ по американско време кон саботата, откако демократите и републиканците во Сенатот не успеаја да постигнат договор околу финансирањето, поделени во прв ред по прашањето за имиграцијата и безбедноста на границите.

Засега не е возможно да се предвиди колку ќе трае блокадата на службите на сојузната администрација, оние кои не се неопходни, а којашто започна токму на годишнината на влегувањето на 45-от американски претседател Доналд Трамп во Белата куќа.

Претставничкиот дом во четвртокот доцна ноќта го донесе предлог-законот за привремено финансирање на сојузната влада до 16-ти февруари, со 230 гласови „за“ и 197 „против“, но предлогот потоа пропадна во Сенатот кој имаше рок до полноќ да се избегне парализирањето на сојузните агенции и служби. Сенатот има републиканско мнозинство од 51 мандат, но за да мине предлог-законот беше потребно да се добие поддршката од 60 сенатори.

Преговорите меѓу челникот на сенатското републиканско мнозинство Мич Мекконел и лидерот на демократите во Сенатот, Чак Шумер, не успеаја, а американската влада технички остана од полноќ без финансирање. Републиканците и демократите меѓусебно се обвинуваат за неуспехот во постигнувањето на договорот, а демократите ги обвинува и претседателот Доналд Трамп.

Белата куќа објави соопштение во коешто ги обвинува демократите во Сенатот за блокирање на Нацрт-законот со којшто би се спречило блокирањето, и во коешто се нагласува дека нема да се преговара за прашањето на имиграцијата на што, пак, инсистираат американските демократи.

„Нема да преговараме за статусот на нелегалните имигранти додека демократите ги држат нашите граѓани како заложници на своите безобѕирни барања. Тие ноќеска ја ставија политиката над нашата национална безбедност, семејствата на воените лица, децата од ранливите семејства и можноста нашата земја да им служи на сите Американци“, се истакнува во соопштението на Белата куќа.

Претседателот Трамп преку својот вообичаен начин на комуницирање со јавноста на микроблогот на Twitter ги критикуваше демократите обвинувајќи ги дека „тие сакаат илегална имиграција и слаби граници“.

Сенаторот Мекконел, пак, ги критикуваше своите колеги од Демократската партија и вели дека е отворен за разговори со нив за тоа како да се надмине проблемот. Од друга страна и Шумер ги повика сите на продолжување на разговорите во саботата.

Конгресот со месеци наназад се обидува да договори долгорочно финансирање на сојузната влада, но вниманието му е пренасочено на спорот околу имиграцијата.

Сојузната влада на САД во моментов функционира врз основа на третата привремена финансиска мерка од почетокот на новата фискална година во октомври. Последната парализа на американските сојузни институции се случи во 2013 година, во мандатот на демократскиот претседател Барак Обама, и траеше 16 дена.

Трамп предупреди дека, доколку законот не добие одобрување во Сенатот, ќе се случи блокада на сојузната влада, поради што голем број сојузни агенции би можеле да бидат затворени.

Клучните служби ќе продолжат да работата, а тие ги вклучуваат националната безбедност, поштата, контролата на летањето, неопходните и итните лекарски служи, помошта во случаи на катастрофи, затворите, даночните служби и производството и дистрибуцијата на електричната енергија.