Сенатот на САД го одобри проектот за даночна реформа

Сенатот на американскиот Конгрес, во кој мнозинство имаат републиканците, го одобри синоќа проектот за даночна реформа и намалување на даноците, што претставува важна победа за претседателот Доналд Трамп.

Текстот е прифатен со 51 наспроти 49 гласа и сега претстои да биде усогласен со верзијата усвоена од Претставничкиот дом.

Реформата во даночниот систем е прво големо постигнување на американскиот претседател, кој оваа есен не успеа да го укине законот за здравство, воведен од својот претходник Барак Обама.

Ниту еден од сенаторите демократи не го поддржа републиканскиот проект за даночна реформа во вредност од 1,5 билиони долари. Сенаторот републиканец од Тенеси, Боб Коркер, кој го нарече зголемениот државен долг „закана за националната безбедност“, гласаше заедно со демократите против даночната реформа.

Реформата ги опфаќа основите за намалување на даноците за бизнисот и на луѓето со голема заработувачка и ќе биде суштинска измена во даночниот систем во последните 30 години.