Сенатот на САД на чекор да го ратификува членството на Црна Гора во НАТО

Американскиот Сенат, со 97 гласови „за“, ја поддржа процедуралната мерка со што е  завршена расправата и им е овозможено на сенаторите да се изјаснат за Протоколот за прием на Црна Гора во НАТО.

За завршување на расправата гласаа 97 сенатори, а против беа сенаторот од Кентаки Ренд Пол и неговиот партиски колега од Јута, Мајк Ли.

Лидерот на републиканското мнозинство, сенаторот од Кентаки Мич Меконел нагласи на почетокот на седницата дека позитивното гласање за протоколот за Црна Гора ќе им даде знак на останатите земји што сакаат да и се приклучат на Алијансата дека патот до членството е тежок, но не е залуден. Тој наведе дека САД и европските сојузници се соочуваат со бројни закани и оти НАТО и понатаму е исклучително важен сојуз, објави Гласот на Америка.

– Рускиот претседател Владимир Путин на сите начини се обидува да ги заплаши земјите што сакаат да станат членки на НАТО и да го зголеми влијанието на Русија, изјави Меконел.

Сенаторот од Кентаки Ренд Пол, единствениот кој јавно се спротивставува на влаз на Црна Гора во Алијансата, нагласи дека НАТО од приемот на Црна Гора и нејзините 2.000 војници нема да има многу корист.

Тој оцени дека приемот на Црна Гора би претставувал дополнителна финансиска и воена обврска за САД и не би ги унапредил нејзините безбедносни и национални интереси.  Пол рече дека не сака САД, со приемот на Црна Гора, да се обврзе дека ќе испраќа свои војници во потенцијален конфликт, ако мораат да ја бранат Црна Гора.

Откако, документот ќе биде ратификуван од сите земји членки на НАТО, Црна Гора ќе стане 29 земја-членка според Северноатланскиот договор. Протоколот е ратификуван од страна на 24, од вкупно 28 членки на Алијансата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.