Сензационалната победа на „Вардар“ одекна на Балканот

„Кралот е мртов, Вардар распиша конкурс за нов владетел на Европа“, стои во насловот на Балкан Хендол објавувајќи ја веста дека македонскиот ракометен шампион обезбеди пласман во ¼ финалето од Лигата на шампионите со импресивната победа над актуелниот европски шампион „Хамбург“ и тоа на гостински терен.

Победата на „Вардар“ денеска е на насловните страни на речиси сите спортски изданија – а сензација е најчестиот епитет што го користат спортски новинари од регионов за да го доловат успехот на македонскиот тим.

„Убаво е да се биде Балканец – ви благодариме Македонци“, напиша handallme.me

Многу е убаво овие денови да се биде Македонец. Тие направија секој Балканец или како што на Западот велат „граѓани од втор ред“, да се чувствува посебно, исполнето и гордо. Ракометарите на Вардар и Металург на колегите од Хамбург и КИФ Колдинг им покажаа дека со пари не може да се купи се’… а и јасно им ставија до знаење кој е втор!

„Сензација во Лигата на шампионите – Македонците го исфрлија европскиот шампион“, напиша во насловот dnevnik.hr.

По 28-28 во Скопје, се чинеше дека ХСВ ќе успее на искуство и рутина да се избори за премин во четврфиналето од Лигата на шампионите на свот терен. Меѓутоа Вардар се постави без малку респект и одигра голем натпревар и приреди најголемо изненадување во осмин финалето, напиша хрватскиот интернет портал.

Актуелниот шампион на Европа – Хамбург е на колена. Вардар го направи наголемото изненадување во изминатите десетина години во светот на ракометот – просечната екипа на Раул Гонзале среде Германија го „исчисти“ ХСВ (30:29) со супер ѕвездите како Дувњак, Хенс, Лацковиќ, Линдберг…., објави во вториот текст посветен на победата на Вардар, босанскиот handballme.me.

Откако во Скопје одиграа 28-28, ракометарите на Вардар приредија вистинско изненадување славејќи против германски ХСВ Хамбург во реваншот од осмина финалето на Лигата на шампионите. Македонската екипа се пласираше така во четвртфиналето, додека актуелниот европски првак кој што го предводеа најдобирите ракометари во светот нема да имаат можност да ја одбранат титулата, објави 24sata.hr.

„Вардар направи сензација и го исфрли ХСВ“, напиша avaz.ba. „Сензација во ракометната Лига на шампионите – Вардар го исфрли ХСВ на Дувњак“, пишува index.hr.